Возбудливо „реми“ (2:2) на Вардар во Кратово

И покрај водството со кое се стекна во второто полувреме од 1:2 со пресврт, сепак, на крајот Вардар мораше да се задоволи само со бод од гостувањето во Кратово кај Силекс. Мечот беше возбудлив, интересен, со многу шанси, особено од Вардар, но на крајот нашиот тим не дојде до триумфот. 

Силекс поведе во 12. минута преку Грозданоски, кој ја собра одбиената топка од Гачевски, и ја спроведе во мрежата. Според судиите не беше во офсајд, иако позицијата е сомнителна. 

Вардар врати со шансите на Цветаноски и на Мицевски. Првиот шутираше, а голманот на Силекс одлично одбрани, а вториот од слободен удар ја погоди стативата. 

Во вториот дел одличен „кам-бек“ за Вардар. Најпрво Тошевски со силен удар од 20 метри му носи израмнување на нашиот тим. Сепак, следува и голем хендикеп откако судиите се решија да го исклучат Мицевски поради втор жолт картон. Но и во таква ситуација Вардарци дојдоа до водство преку Цветаноски. Најпрво се проби Аврамовски, врати во петерецот каде што одбраната на Силекс лошо реагираше, а Цветаноски шутираше прецизно во мрежата на Силекс. 

Следуваше израмнувачкиот гол на Силекс во 86. минута, помалку среќен на Костовски за нова резултатска симетрија. Во судиското надополнување шанса за Вардар, ситуација 3:1, но Брдаровски не ја исконтролира топката, и шансата отиде во неповрат. 

среда, 27 ноември 2019