Пет играчи дебитираа за Вардар во последното коло

Вардар ја заврши сезоната во Првата македонска Лига. Го обезбеди второто место, а оваа пролет во сениорската конкуренција на „црвено-црните“ се појавија неколку дебитанти. Тој „тренд“ продолжи и во последното коло од шампионатот на теренот на стадионот „Чаир“ на натпреварот против Шкупи. 

Во стартниот тим на Бобан Бабунски денеска имаше тројца дебитанти. Станува збор за Марко Тасев, потоа Давид Велковски и Стефан Наумчески, кои што добија шанса да имаат прв настап во сениорската конкуренција. Од клупата потоа влегоа и Александар Ѓорѓиески и Оливер Дишлиевски кои што од младинската школа добија можност да го почувствуваат сениорскиот фудбал. Својот прв настап во првенствените натпревари го имаше и Дејан Маркоски, но тој претхоно играше за „црвено-црните“ во Куп натпреварите. 

Исто така во тимот беа и „младинците“ Али Адем, Филип Илиќ и Никола Серафимов кои што претходно имаа настапи за сениорската екипа. Адем првиот настап го имаше на натпревар со Силекс во пролетниот дел, додека Илиќ својот прв натпревар во Вардар го забележа на минатиот меч против Академија Пандев. Серафимов, пак, беше на подготовки со екипата во Анталија, и својот прв настап го имаше исто така против Силекс, а потоа го играше и реваншот од Купот против Шкендија, како и претпоследниот натпревар од првенството против Академија Пандев. 

Ова само покажува колку Вардар смета на своите фудбалери од младинската школа кои добиваат шанса дури со сениорите. Сигурно дека овие настапи и можности кои ги добиваат, за нив претставуваат огромно искуство во нивниот понатамошен развој. Сите тие сонуваат еден ден да бидат стандарни првотимци. 

Али Адем го постигна својот прв гол во сениорскиот дрес на Вардар во третиот настап за првиот тим. Тој во првиот дел успеа да го израмни резултатот во тие мигови на 1:1. 

Меѓутоа и покрај желбата, се покажа дека на вакви прволигашки натпревари и искуството игра многу важен фактор, а токму тоа им недостасува на овие млади момчиња во овој момент. Во секој случај не е лесно да се игра во сениорска конкуренција, но времето е адут за младите фудбалери пред кои што е исправен предизвикот да бидат дел од најтрофејниот македонски клуб и во иднина. 

недела, 20 мај 2018