Ви го претставуваме Пјуник, следниот ривал на Вардар во Л.Е.

Нашиот следен противник Пјуник, е релативно „млад“ на фудбалската мапа, и постои само 27 години. Формиран е во 1991 година, по распадот на СССР односно од осамостојувањето на Ерменија. Пјуник е најтрофеен клуб во својата земја со 14 освоени титули. 

Овој тим кој доаѓа од главниот ерменски град Ереван, ќе доминира на почетокот на новиот век, поточно од 2001 година, па се до 2010 ќе освои десет шампионски титули последователно. Покрај 14-те титули, екипата има освоено и осум пехари во Купот на Ерменијa, и девет пати го подигнува трофејот во Супер-Купот. 

Ланската сезона, тимот ја заврши дури на петтото место на табелата во домашниот шампионат. Пред нив четвртопласираниот тим на Ширак не доби лиценца за настап во Европа, и токму нивното место го завзеде тимот на Пјуник.

Најдобар стрелец на екипата на Ерменците во ланската сезона беше Алик Аракелјан со седум постигнати голови во 30 натпревари колку што се одиграа. Лигата во Ерменија е една од ретките која содржи само шест клубови, и се игра во шестокружен систем.


Андреј Талалајев, тренерот на Пјуник


Тренер на Пјуник е рускиот стручњак Андреј Талалајев. Роден е во Москва, има 45 години, и седна на клупата на ерменската екипа по завршувањето на минатата сезона, односно за прв пат ќе го води тимот, и своето деби на официјален меч на клупата ќе го има утре токму против нашата екипа. Талалајев во минатото бил асистент тренер на Спартак Москва, а бил асистент во младинската селекција на Русија, бил шеф на стручниот штаб во Ростов, потоа помошник во Кубан Краснодар. Од 2014 до 2016 ја водел екипата на Волга Нижни Новгород, а од 2016 година па до превземањето на тренерската „палка“ на Пјуник го водел тимот на Тамбов од Русија.

Домашен стадион на Пјуник е Стадион „Пјуник“ кој што има капацитет од само 780 места. Меѓутоа меѓународните натпревари Пјуник ги игра на стадионот „Вазген Саргсјан“ во Ереван кој што има капацитет од 14.403 седишта, каде што ќе се одигра и утрешниот натпревар. 

Ланската сезона Пјуник во 1. квалификациско коло беше елиминиран од тимот на Слован Братислава од Словачка со вкупни 9:1, односно по поразот од 5:0 на гости, на домашен терен исто така доживеа пораз од 4:1. Интересно е тоа што во Европа, Пјуник два пати има гостувано во Скопје. Најпрво во 2004 година играше со прилепска Победа, и успеа да триумфира со 3:1, а по оние 1:1 на реваншот, Пјуник се пласираше во следната фаза во тогашната Лига на шампиони. Вториот пат Пјуник беше гостин во Македонија во 2013 година, и тогаш успеа да мине наш претставник. Играше со Тетекс, и го совлада дома 1:0, а на гости одигра 1:1, со што ги продолжи настапите во второто квалификациско коло од Лигата на Европа.


Цезар Ромеро


Двата клуба ги поврзува и двајца фудбалери, кој што играле и за Пјуник и за Вардар. Станува збор за мексиканскиот интернационалец Цезар Ромеро, и за ерменскиот фудбалер Артур Миранјан. Ромеро во сезоната 2014/2015 како најдобар стрелец во ерменскиот шампионат, дојде во Вардар. Во нашиот тим се задржа само неколку месеци, одигра осум натпревари, и го напушти тимот на „црвено-црните“. Миранјан, пак, беше дел од Вардар од август 2014 до септември 2015 година. Токму од Вардар Миранјан замина во Пјуник.

Од овој тим потекнува најдобриот ерменски фудбалер во моментов, Хенрик Мхитарјан кој што настапува во екипата на Арсенал.  Мхитарјан е соиграч на нашиот фудбалер Тигран Барсегјан во националниот тим на Ерменија.

Она што е интересно, е дека репрезентациите на Македонија и на Ерменија се во иста група во Лигата на Нации, и ќе ги одмерат силите кон крајот на оваа 2018 година.  

среда, 11 јули 2018