Велковски: Капитенската лента на најтрофејниот клуб има голема тежина

За прв пат откако е во Вардар, Дарко Велковски беше капитен на нашиот тим. Стручниот штаб му ја додели таа улога на натпреварот со Работнички. Барем до влегувањето на Глигоров во 60. минута, младиот 22-годишен играч на нашата екипа ја носеше лентата на својата рака.

„И покрај тоа што имаше поискусни од мене на теренот, сепак, стручниот штаб непосредно пред мечот ми соопшти дека јас ќе бидам капитен на тимот. Бев пријатно изненаден од оваа одлука, но ја прифатив одговорноста. Кога си капитен на екипа која што има најмногу титули, таква голема историја каква што има Вардар, тогаш таа улога има специфична и голема тежина. Сепак, чест ми е што ми беше доделена оваа улога и се надевам дека добро ја исполнив. Голема одговорност е да се биде капитен на Вардар, но во исто време и чест“, рече Велковски.

Велковски стана четвртиот капитен сезонава за Вардар на официјалните натпревари, откако претходно капитенската лента покрај Бобан Грнчаров, ја носеа уште и Никола Глигоров и Дејан Блажевски.

 

вторник, 16 мај 2017