Васоски: Задоволен сум од подготовките, резултатите на пријателските не се реалната слика

Денеска е десеттиот ден како Вардарци се подготовуваат во Анталија. Во прекрасни услови за работа, играчите и стручниот штаб ги одработуваат подготовките, и засега одат според планот. Задоволство истакна и шефот на стручниот штаб Александар Васоски кој што даде извештај од тоа како течат подготовките во Анталија. 

„Можам да кажам дека подготовките одат според планот. Имаме одлични услови за работа тука, времето засега е добро, и работиме според зацртаното. Сите играчи максимално ги спроведуваат задачите“, истакна Васоски. 

Во првите две пријателски средби, Вардар доживеа порази од Хајдук (3:1) и од Динамо Киев (4:0). 

„Не сакам да бидам разбран дека барам оправдувања, но и двата тима кои ни беа противници во првите две средби се 1-2 седмици пред нас со подготовките. Мислам дека резултатите не даваат реална слика, барем не на она што се случуваше на теренот на првите две средби. Убаво е кога ќе се победува, но реков и пред почетокот дека резултатите тука не се важни, важно ќе биде добро да се подготвиме за она што не очекува во првенството. Ние, сепак, низ овие пријателски ја градиме играта која треба да ни донесе победи во првенството и мислам дека сме на добар пат“, рече Васоски. 

Во екипата отпатуваа и неколку играчи од Академијата на Вардар. Како тие се вклопуваат во сениорскиот тим? 

„Одлично се вклопуваат младите играчи. Сите кои се тука со нас ќе добијат шанса низ пријателските натпревари, но засега низ тренинзите максимално ги одработуваат задачите. Дел од овие фудбалери добија шанса и на првите две средби, и се покажаа во добро издание. Имаме уште време до крајот на оваа фаза, и верувам дека до враќањето во Скопје ќе бидеме добро подготовени“, рече Васоски. 

петок, 24 јануари 2020