Васоски: Во целина задоволен сум од есенскиот дел од сезоната

Заврши есенскиот дел од сезоната 2018/2019. Со неделното „реми“ без голови против Академија Пандев, Вардар финишираше со еден бод, и остана на второто место на табелата со 35 освоени бодови од 18 натпревари. Вардарци на зимска пауза заминуваат со пет бодови негатива од првопласираниот тим на Шкендија, и со пет бодови предност од третопласираната екипа Академија Пандев.

Шефот на стручниот штаб на Вардар, Александар Васоски ја резимираше изминатата есенска полусезона, истакна задоволство од досега прикажаното, жали за испуштените бодови на одредени натпревари, и истакна надеж дека во пролетниот дел тимот ќе остане во трка за првото место на табелата.

„Од фудбалски аспект, мислам дека можеме да бидеме задоволни од овие изминати 18 натпревари, со оглед на тоа што два клучни фудбалери не ни играа речиси цела полусезона. Можеби треба да жалиме што не успеавме да освоиме уште некој бод на одредени натпревари кога незаслужено бевме поразени. Мислам дека еден од клучните моменти беше поразот од Шкендија кога имаше нерегуларен гол. Од тој натпревар влеговме во една лоша серија, и тука нашиот ривал ја направи разликата на табелата. Меѓутоа во целина сме задоволни, и натаму сме во игра за првото место“, рече Васоски.

Тој истакна задоволство што неколку млади играчи се промовираа во „црвено-црниот“ дрес, добивајќи шанса да ги покажат своите квалитети во сениорската конкуренција.

„Играчкиот кадар дозволуваше да промовираме некои млади играчи од младинската школа на нашиот тим. Засилувањата кои ги добивме пред почетокот на сезоната се покажаа како одлични, и покажаа дека можат да се носат со притисокот кој го бара овој тим“, истакна шефот на стручниот штаб.

Васоски се надева дека низ пролетниот дел Вардар ќе освои повеќе бодови, и на крајот ќе заврши како првопласиран, што е желба на сите љубители на најтрофејниот македонски клуб.

„Реков дека и натаму сме во игра за првото место. Разликата е таа што е, кажав дека кој беше клучен момент што таа е направена. Имаме уште два меча со нашиот директен конкурент до крајот на сезоната. Се надевам дека со мирни и чисти глави ќе влеземе во престојниот подготвителен период, и дека во пролетниот дел ќе освоиме повеќе бодови од сега, и на крајот нормално посакувам и се надевам дека ќе бидеме на првото место, нешто за кое целиме секоја сезона“, изјави шефот на стручниот штаб на „црвено-црните“.

понеделник, 3 декември 2018