Васоски: Против Шкендија мораме да ја користиме секоја шанса

Време е за последното дерби оваа сезона, во кое Вардар ќе биде домаќин на Шкендија во рамките од 28. коло од Првата македонска лига. „Црвено-црните“ на стадионот „Борис Трајковски“ ќе го одиграат овој натпревар, и се надеваат дека ќе стигнат до првата победа над својот конкурент во сезонава. 

Шефот на стручниот штаб Александар Васоски ги искажа своите очекувања во пресрет на неделниот дуел. 

„Последен дерби натпревар за оваа сезона, ние сакаме да ја оствариме првата победа и мислиме на тоа. Мотивирани сме да дадеме се од себе за да победиме на овој меч. Нема да се навраќаме на она што се случуваше во изминатите два меѓусебни натпревари, туку ќе мислиме само на недела“, рече Васоски кој истакна дека за добар резултат мора да се искористи секоја шанса. 

„Ако против Академија Пандев имавме многу шанси кои не ги искористивме, и со тоа не дојдовме до победа, тогаш на овој натпревар ќе треба да се користи секоја шанса која ќе ни се пружи. Очекувам момците да го дадат максимумот и се надевам дека тоа ќе биде доволно за победа“, дополни шефот на стручниот штаб на „црвено-црните“. 

Васоски ги повика љубителите на фудбалот да дојдат во што поголем број. 

„Станува збор за дуел на двете најдобри екипи во моментов, и тоа нека биде доволен мотив за публиката да дојде во што поголем број во недела“, заврши Васоски. 

петок, 12 април 2019