Васоски: Подготвени сме за новото првенство

Александар Васоски ќе ја предводи екипата на Вардар во новиот шампионат кој стартува овој викенд. Тој ја доби улогата на шеф на стручниот штаб која ја извршува веќе три недели, односно беше назначен на клупата на „црвено-црните“ пред реванш натпреварот со Пјуник во рамките од Лигата на Европа.

Со цел екипата подобро да се подготви, пред почетокот на првенството беа одиграни два контролни натпревари со Македонија Ѓорче Петров и со Силекс, на кои остварена е една победа и еден пораз.

„Искрено резултатите на овие контролни натпревари не ми беа важни. Важно е добро да ја подготвиме екипата за новата сезона, и мислам дека тоа добро го направивме. Подготвени го очекуваме стартот на сезоната и се надевам на еден успешен шампионат“, рече Васоски.

Тренерот на Вардар вели дека враќањето на титулата во витрините на најтрофејниот македонски клуб ќе биде приоритет за Вардар во новата сезона.

„И како играч кога бев и сега како тренер, секогаш од Вардар се барало напад на првото место, и на секој натпревар да оди на победа. Играчите свесно го прифаќаат тој предизвик. Нормално дека ќе сториме се да се бориме за освојување на титулата. Јасно е дека тимот претрпе големи измени од лани во однос на играчкиот кадар, меѓутоа сметам дека и овие фудбалери кои ги имаме на располагње, имаат квалитет да се борат за највисок пласман“, смета Васоски.

Прв предизвик за Вардар во новата сезона е дуелот против Шкендија во новата сезона, меч кој ќе се игра во сабота (11.08) со почеток во 17 часот во Тетово. Кои се очекувањата на Васоски од тој прв натпревар?

„Интересно е што втора сезона по ред првенството го почнуваме од Тетово. Според мене и оваа сезона ќе биде натпревар на двете најдобри екипи во првенството. Очекувам да биде добар меч, со желба и мотиви од двете страни. Како тренер на Вардар посакувам дека ќе се вратиме со трите бода и победнички ќе го стартуваме новиот шампионат. Задачата нема да биде лесна, меѓутоа верувам дека момците ќе дадат се од себе да дојдат до победата на ова гостување. Имаме уште неколку дена пред овој дерби натпревар и верувам дека ќе одговориме максимално на предизвикот“, вели Васоски.

среда, 8 август 2018