Васоски: Подготовките се одвиваат според планираното

Денеска е петтиот ден откако Вардар ги стартуваше летните подготовки, тренирајќи за новата сезона во домашниот шампионат. Шефот на стручниот штаб Александар Васоски засега е задоволен од текот на подготовките. Екипата составена и од млади играчи, има мотив за работа, а на 17-ти јули екипата ќе замине во Словенија, каде ќе се одработуваат главниот дел од подготовките. 

„Петти ден како се подготвуваме, и можам да истакнам задоволство од текот на подготовките. Засега се' оди според планираното. Во екипата имаме многу млади играчи кои се желни за докажување, а тука се и поискусните да им дадат поддршка на помладите. Имаме играчи кои за прв пат ќе искусат подготовки со сениорската екипа. Идната сезона ќе имаме млада екипа, со неколку искусни поединци и се надевам дека тоа ќе ни донесе добри резултати“, изјави Васоски. 

Во моментов со екипата тренираат триесетина играчи, и стручниот штаб во следните две недели ќе донесе одлука кои фудбалери ќе патуваат на подготовките во Словенија. 

„На 17. јули треба да одиме во Словенија и таму да одиграме неколку пријателски натпревари. Во моментов имаме на располагање триесетина играчи, но во следните денови ќе одлучиме кои играчи ќе одат во Словенија на подготовки. Секако дека и во иднина будно ќе ја следиме ситуацијата во младите категории, и дека од таму ќе земаме уште играчи, за кои ќе сметаме дека имаат потенцијал и квалитет за во сениорскиот тим. Планираме пред замиувањето во Словенија да одиграме и една пријателска“, рече шефот на стручниот штаб. 

среда, 3 јули 2019