Васоски: Паузата ќе ја користиме за поправање на грешките

Во првенството на Македонија има пауза поради репрезентативните обврски на селекциите во Лигата на Нации и во квалификациитге на помладите селекции. Вардарци покрај тренинзите, својата форма ќе ја подигнат и низ пријателски натпревар против Македонија Ѓорче Петров кој што ќе се одигра утре со почеток во 16 часот на теренот во Ѓорче Петров. 

„Паузата ќе ја искористиме максимално за да поправиме некои грешки кои се појавија во првите натпревари од првенството. Ќе обрнеме повеќе внимание на некои работи кои се покажаа како слабост, со цел да бидеме подобри во продолжението на првенството. За таа цел ќе одиграме и еден контролен натпревар против Македонија ЃП, што ќе ни овозможи да бидеме во натпреварувачка форма пред продолжението на првенството“, изјави тренерот на Вардар. 

До сега Вардар има две победи и две нерешени средби во првенството, и триумф во Купот. Васоски е задоволен од учинокот, но вели дека има уште простор за напредок. 

„Осум бода од четири натпревари не е лош учинок, иако можевме да имаме уште два бода повеќе. Но, кога ќе се земе во предвид дека од четирите натпревари, три игравме како гости, тогаш оваа бројка е добра. Сега се фокусираме кон следните предизвици кои не очекуваат, и посакувам и се надевам дека ќе бидеме уште подобри, и дека ќе продолжиме да освојуваме бодови“, рече Васоски. 

петок, 7 септември 2018