Вардаровите бројки во досегашните шампионати на Македонија

Пред почетокот на новиот шампионат 2018/2019, Ви ги претставуваме сите бројки и рекорди на „црвено-црните“ во сите досегашни шампионати во самостојна Македонија. 

За Вардар ова ќе биде 27-ма сезона во Првата лига на Македонија. Во досегашните 26, „црвено-црните“ се единствениот тим кој во сите шампионати бил дел од „елитата“ на нашата земја. 

До сега Вардар во првенствата одигра вкупно 795 натпревари, од кои оствари 449 победи, 186 нерешени натпревари и 160 пати „црвено-црните“ биле поразени. Вкупно Вардарци постигнаа 1464 голови, а примија 684.

Сезоната 1992/1993 ќе остане како најуспешната во историјата според бројките. Иако тогаш за триумф се даваа по два бода, Вардарци во 34 натпревари остварија вкупно 27 победи, седум нерешени средби, и тоа е единствениот шампионат на „црвено-црните“ без пораз. Беа постигнати неверојатни 119 голови, а примени само 16.

Истата сезона беше постигнат и најубедливиот триумф во историјата кога Вардар со 11:0 го совлада тимот на Вардарски. Тоа е воедно и натпреварот со најмногу постигнати голови на „црвено-црните“ во досегашните сите прволигашки натпревари.

Во статистиката на играчи, Саша Ќириќ со 92 постигнати голови е најдобар стрелец на натпреварите во првенството, додека најмногу мечеви во самостојна Македонија има Никола Глигоров кој што одигра вкупно 198 првенствени натпревари во „црвено-црниот“ дрес. 

Најтрофејниот македонски клуб има освоено 10 шампионски пехари во досегашните 26 сезони во самостојна Македонија.

БРОЈКИ НА ФК ВАРДАР ВО ДОСЕГАШНИТЕ ПРВЕНСТВА НА МАКЕДОНИЈА

Одиграни натпревари вкупно: 795

Вкупно победи: 449

Вкупно нерешени средби: 186

Вкупно порази: 160

Дадени голови: 1464

Примени голови: 684

Најмногу победи во една сезона: 27 (сезона 1992/1993)

Најмногу нерешени во една сезона: 12 (сезона 2008/2009)

Најмногу порази во една сезона: 19 (сезона 2010/2011)

Најмногу постигнати голови во една сезона: 119 (сезона 1992/1993)

Најмалку примени голови во една сезона: 15 (2011/2012)

Најубедлив триумф: Вардар - Вардарски 11:0 (сезона 1992/1993)

Најубедлив триумф на гостински терен: Куманово - Вардар 0:8 (сезона 1999/2000)

Натпревар со најмногу постигнати голови: Вардар - Вардарски 11 (сезона 1992/1993)

Најмногу постигнати голови во првенствените натпревари: Саша Ќириќ (92)

Најмногу одиграни првенствени натпревари: Никола Глигоров (198)

четврток, 9 август 2018