Вардаров триумф на градското дерби

Уште една победа на Вардар над градскиот ривал Работнички во денешниот натпревар од 24. коло од Првата лига. Денеска нашиот тим беше подобар ривал и сосема заслужено ги освои трите бода. Головите кои ги донесоа трите бода беа дело на Којашевиќ во првиот и на Николов пред самиот финиш од вториот дел. Во текот на натпреварот Вардар имаше уште шанси, а видовме и неколку добри интервенции на нашиот голман Гачевски кој што уште еднаш не дозволи да прими гол на првенствен натпревар оваа сезона.

Иницијативата на Вардар уште од стартот на натпреварот можеше да биде крунисана уште во првите секунди од натпреварот кога Фелипе се најде во шанса, и неговиот удар отиде само над голот. Во 22 минута Барсегјан се најде во добра прилика, го мина противничкиот фудбалер, иако позицијата беше тешка, сепак, успеа да упати удар кој што беше одбранет од голманот Шишковски. Во 34 минута Барсегјан овој пат од другата, лева, страна се најде во шанса, шутираше, овој пат непрецизно крај левиот дирек.

Во 35 минута две шанси за Работнички, и одлични две одбрани на Гачевски. Најпрво Силјановски излезе сам, упати удар, меѓутоа нашиот голман изби во корнер. Од корнерот нафрлена топка на 10-11 метри од каде Глигоров расчисти, но топката стигна само до Сахити кој што шутираше силно и прецизно, меѓутоа Гачевски одново беше на место.

Сепак, решителноста на Вардар да дојде до водство уште на полувремето даде плод во 39. минута. Акција која што одеше по средината на теренот, Барсегјан ја префрли на левата страна каде што беше Демири, а нашиот лев бек испрати прецизно додавање до Којашевиќ кој што од прва успеа да ја спроведе во мрежата на Шишковски. Гол а водство на полувреме на „црвено-црните“ и предност пред почетокот на вториот дел.

На стартот од второто полувреме Барсегјан ја имаше првата шанса кога се обиде само покрај голот. Во 55. минута и шанса за Вуковиќ од Работнички кој што упати непрецизен удар. Во 69. минута после еден продор кон голот, Којашевиќ беше соборен од Елмас кој доби само жолт картон, а од слободниот удар Којашевиќ упати удар кој што заврши за малку над голот. Во 73 минута обид и на Херера кој што беше одбранет од Гачевски. На десет минути пред крајот на средбата одлична можност и за Блажевски кој што после една долга акција упати непрецизен удар кој што заврши крај голот. Работнички најдобрата своја шанса ја доби во 84 минута кога Херера испрати прецизен центаршут до Рашо, кој што остана осамен, но неговиот удар заврши за малку крај десниот дирек. Во судиското надополнување, во 92 минута успеавме да ставиме точка на победата со уште еден гол во мрежата на Работнички. Боарето од левата страна се проби, додаде до нововлезениот Николов кој што успеа да упати прецизен удар во голот на противникот. Веднаш после тоа судијата Јакимовски означи крај на мечот.

ВАРДАР - РАБОТНИЧКИ        2:0 (1:0)

Национална Арена „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 700.

Главен судија: Дејан Јакимовски.

Помошници: Божиновски и Тошевски. Дополнителни: Ѓорѓевски и Стојчевски.

Стрелци: 1:0 Којашевиќ 39’, 2:0 Николов 90’+2

Ж. Картони: Велковски (В) - Елмас, Сахити (Р)

ВАРДАР: Гачевски, Брдаровски, Новак, Велковски, Демири, Спировски, Глигоров, Фелипе, Блажевски (81’ Боарето), Којашевиќ (74’ Николов), Барсегјан (61’ Џигаури).

РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Силјановски (87’ Демир), Рашо, Шиков, Херера, Трајчевски, Дурански (87’ Најденов), Вуковиќ (80’ Митрев), Елмас, Сахити, Ивановски.

 

СТАТИСТИКА

ВАРДАР           РАБОТНИЧКИ

3          корнери          3

12/4     удари/во        8/3

14        прекршоци     19

6          офсајди          0

1          ж. картони      2

0          ц. картони      0

0          пенали            0

 

Минута по минута, сите шанси и голови>>

Видео>>

Фотогалерија>>

недела, 2 април 2017