Вардарци совладани од Ренова во Тетово

Убедлива победа на Ренова (4:0) во дуелот со Вардар во денешниот натпревар од 20. коло во Првата лига. Противникот за четири минути во првиот дел стигна до два гола, а потоа сите обиди на Вардарци да се вратат во мечот, не дадоа плод, па до крајот „гипсарите“ постигнаа уште два гола, крунисувајќи го овој убедлив триумф во второто пролетно коло.

Ренова се стакна со водство во 9. минута кога по центаршутот од левата страна топката заврши во пречката и среќно дојде до Рамадани, кој од непосредна близина го совлада Гачевски. На 2:0 само четири минути подоцна зголеми Мбела кој доби одлична топка, и рутински ја испрати во мрежата.

Во самиот финиш од првиот дел, Вардарци преку Лира и преку Аврамовски се заканија, но не успеаја да го најдат патот до мрежата.

Во вториот дел на самиот почеток веќе беше 3:0. Рамадани доби една топка и убаво се ослободи, шутирајќи прецизно во мрежата на Гачевски. Во 73. минута одлична интервенција на Гачевски по шутот на Рамадани, една од многуте успешни интервенции на нашиот голман на овој меч, а од изведениот корнер нов гол во нашата мрежа. Стојановски со глава ги поставува конечните 4:0.

Вардар одигра натпревар за заборав, и сега целиот фокус треба да биде ставен на преспетката со Македонија Ѓорче Петров каде што мора да се одигра подобро за да се освојат бодовите.

 

РЕНОВА - ВАРДАР   4:0 (2:0)

Градски стадион во Тетово.

Судија: Александар Ставрев.

Стрелци: 1:0 Рамадани 9’, 2:0 Мбела 13’, 3:0 Рамадани 48’, 4:0 Стојановски 74’

Ж. Картони: Фетаи (Р) - Димоски (В).

РЕНОВА: Исени (1’ Ѓуриќ), Абдула, Фетаи, Гафури, Мбела, Мишковски, Мустафов, Нухи (64’ Садики), Рамадани (77’ Кадриу), Стојановски, Велија.

ВАРДАР: Гачевски, Битанг, Новак, Манев, Жуниор, Димоски (46’ Адем), Мицевски, Фелипе, Аврамовски, Лира, Колевски (46’ Ибиши).

Фото: Кочо Сотировски.

недела, 24 февруари 2019