Вардарци неприкосновени домаќини, го совладаа и Борец без примен гол

Вардар како домаќин на Арената „Тодор Проески“, дојде до петтиот триумф во исто толку натпревари, и во ниту еден меч на овој стадион не прими гол. Така беше и попладнево против Борец кој беше совладан со 2:0, со головите на Аврамовски и на Адем. 

Уште во 3. минута Вардар дојде до водство. Удар на Аврамовски од дваесетина метри, топката се одби од еден фудбалер на Борец, го смени правецот и го измами сопствениот голман. Вардарци имаа потоа и обиди преку Мицевски и Аврамовски, меѓутоа не беа прецизни. На спротивната страна Гачевски го одбрани ударот на Абаз, и тоа ќе биде единствената прилика со директен шут на велешани.

Во второто полувреме Вардар не отстапуваше од идејата да дојде до втор гол. Најпрво Борец преку Христов и преку Пеев се заканија, но сето тоа беше непрецизно, а потоа во 71. минута после еден противнапад, и долга акција, топката дојде до Адем кој од прва од 12-13 метри шутираше прецизно во мрежата на Борец.

Да беше ефикасноста подобра, Вардар можеше да стигне и до трет гол во финишот, меѓутоа резултатот на крајот остана 2:0. 

Единствениот меч во кој прими голови како домаќин Вардар го одигра на тренинг центарот „Петар Милошевски“ уште во 1. коло против Македонија ЃП. Од тогаш откако се пресели на Арената „Тодор Проески“, Вардар знае само за победи. 

 

ВАРДАР - БОРЕЦ             2:0 (1:0)

Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Судија: Александар Ставрев (Скопје).

Стрелци: 1:0 Аврамовски 3’, 2:0 Адем 71’

Ж. Картони: Аврамовски, Серафимов (В) - Ристовски, Стојковски, Стоименовски, Христов (Б). 

ВАРДАР: Гачевски, Тошевски, Серафимов, Новак, Мицевски, Најдовски (72’ Велковски), Брдаровски (82’ Димоски), Попзлатанов, Адем, Цветаноски, Аврамовски (86’ Колевски).

БОРЕЦ: Мустафа, Пеев, Стојковски, Трајановски, Коцев (76’ Петров), Прелчец, Абаз (66’ Ѓорѓиев), Ефтимов, Христов, Стоименовски (66’ Николовски), Ристовски.

 

среда, 23 октомври 2019