Вардарци минимално поразени на „Чаир“

Вардарци денеска го забележаа и вториот пораз сезонава. На гостувањето на стадионот „Чаир“, „црвено-црните“ беа поразени со гол во второто полувреме. И покрај неколкуте шанси во текот на средбата, сепак, реализацијата овој пат не беше на нивото, и Вардарци го загубија натпреварот. 

Главно се играше по средината на теренот со многу дуели и борба, а првата посериозна шанса се случи во 38. минута, меѓутоа Гачевски беше на висината на задачата по обидот на Рон Броја. После неколку минути Вардар имаше шанса преку Лира, меѓутоа со одбрана врати и поранешниот голман на Вардар, Игор Алексовски. 

На стартот на вториот дел Вилијан Лира повторно не искористи шанса за водство на „црвено-црните“ на „Чаир“. Меѓутоа не ја искористи, а три минути подоцна Шкупи стигна до погодок. Од десната нивна страна нафрли Броја на вториот дирек, каде што Да Луиз Серџо со глава успеа да го најде патот до голот на Вардар. 

До крајот на мечот и покрај иницијативата, Вардарци не успеаја да стигнат до израмнување, и барем до еден бод од ова гостување. 

Сега следува пауза во првенството поради репрезентацијата, а потоа Вардар го игра градското дерби со Работнички. 

ШКУПИ - ВАРДАР      1:0 (0:0)

Стадион: „Чаир“ во Скопје. Гледачи: 4500. 

Судија: Дејан Јакимовски (Скопје). 

Стрелец: 1:0 Де Луиз 56’

Ж. Картони: Мухарем, Типуриќ, Занго, Кривањева, Да Луиз, Алексовски, Бајрами (Ш) - Брдаровски, Ибиши, Адем, Тодороски (В). 

ШКУПИ: Алексовски, Занго, Типуриќ, Билали, Бајрами, Дакоур, Мухарем (68’ Ангелов), Броја, Кривањева, Да Луиз (87’ Љамчевски), Стојкоски (90’ Рамадани). 

ВАРДАР: Гачевски, Тошевски, Манев, Битанг, Лира, Новак, Најдовски (74’ Тодороски), Попзлатанов (61’ Јуфо), Адем, Цветановски (71’ Ибиши), Брдаровски. 

сабота, 10 ноември 2018