Вардарци два пати водеа, на крај одиграа нерешено со Работнички

Отворен и до крај неизвесен натпревар одиграа градските ривали Вардар и Работнички денеска на Националната Арена „Филип Втори“ во Скопје. На крајот натпреварот заврши нерешено 2:2, и покрај тоа што нашиот тим два пати имаше водство против својот противник. Меѓутоа на три минути пред крајот на средбата „романтичарите“ успеаја со гол да освојат бод од овој натпревар, а Вардар да испушти нов триумф во првенствените натпревари со овој противник сезонава.

Одлично и со тројна шанса во еден напад Вардар го почна дербито. Уште во втората минута после проигрувањето на Барсегјан, од 16-17 метри шут упати Николов кој го одбрани Шишковски кратко одбивајќи само до Спировски кој што шутираше само во голманот на Работнички, а одбиената топка стигна повторно до Николов кој што од десетина метри упати непрецизен удар над голот. Само две минути подоцна обид на Работнички преку Вуковиќ кој што шутира само над голот. Во 13. минута Џигаури му испрати добра топка на Боарето кој што се најде сам пред голот, но ударот му беше одбранет од Шишковски. Во 13. минута на другата страна Дурански упати незгоден удар, но со ситуацијата успеа да се справи Алексовски кој што изби во корнер.

Се играше 36. минута кога се тресеше мрежата на Работнички. После акцијата од левата страна, Николов доби топка на средината на дваесетина метри и го проигра по десно Џигаури, а Грузиецот убаво со финта се ослободи од својот чувар и шутираше прецизно во долниот десен агол од голот на Работнички.

Пред крајот на првиот дел Вуковиќ се закани откако со добар удар од 12-13 метри од десно ја погоди само пречката од голот на Алексовски. Голманот на Вардар го одбрани и обидот на Херера од слободен удар од дваесетина метри пред оследниот свиреж во првиот дел.

Обидот на Попов во 52. минута беше првата шанса во второто полувреме. Меѓутоа ударот на Вардаровиот стопер го одбрани Шишковски во корнер. Во 54. минута Работнички стигна до израмнување. Херера изведе корнер на петерецот каде што Садики со глава ја смести топката во левиот агол од голот на Алексовски.

Меѓутоа нерешениот резултат не стоеше долго на семафорот на Националната Арена. Затоа што после шест минути игра Вардар дојде до ново водство. Велковски од десната страна по земја го проигра Барсегјан кој што од 16-17 метри упати прецизен удар во долниот лев агол.

Следуваше шансата на противникот после грешката на голманот Алексовски. Обидот да ја прифати топката во своите раце заврши без успех, таа му се лизна од рацете, стигна до Митрев кој што ја упати во голот, меѓутоа Новак успеа да спаси сигурен погодок на „романтичарите“. Во 69 минута и Елмас во прилика да го совлада Алексовски, меѓутоа нашиот голман овој пат беше поуспешен и успеа да одбрани.

Шанса имаше и Велковски во 71. минута после грешката на одбраната на Работнички, меѓутоа голманот Шишковски во последен миг успеа да одбрани и да исфрли во корнер. Во 79. минута се обиде и Џигаури од 30 метри со силен удар кој што заврши за малку над голот на Работнички.

На три минути пред крајот на официјалниот дел на натпреварот, Работнички стигна до 2:2. Херера се проби по левата страна и испрати прецизна топка со Силјановски кој што без размислување упати прецизен удар во десниот агол од голот на Алексовски за второ израмнување на натпреварот.

 

РАБОТНИЧКИ - ВАРДАР        2:2 (0:1)

Национална Арена „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 300.

Судија: Марјан Ецкоски (Охрид).

Стрелци: 0:1 Џигаури 36’, 1:1 Садики 54’, 1:2 Барсегјан 60’, 2:2 Силјановски 87’

Ж. Картони: /

РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Силјановски, Садики, Митрев, Херера, Најденов, Дурански, Маркоски, Демир (58’ Елмас), Вуковиќ, Ивановски (84’ Наумчевски).

ВАРДАР: Алексовски, Брдаровски, Новак, Попов, Глишиќ, Спировски, Велковски (74’ Блажевски), Николов, Џигаури (82’ Којашевиќ), Барсегјан, Боарето (60’ Глигоров).

 

РАБОТНИЧКИ ВАРДАР

10        корнери          5

14/8     удари/во        14/7

15        прекршоци     11

3          офсајди          7

0          ж. картони      0

0          ц. картони      0

0          пенали            0

ФОТОГАЛЕРИЈА>>

 

 

недела, 14 мај 2017