Вардар со „шестка“ го обезбеди второто место на табелата

Со шест гола во мрежата на последнопласираната Победа, Вардар денеска и дефинитивно го осигура второто место на табелата, што ќе значи излегување во Лигата на Европа престојното лето. Ова беше последен натпревар на Вардарци како домаќини во оваа сезона, и го решија во своја корист со „чиста“ мрежа. 

Три гола на денешната средба постигна Јован Попзлатанов, а по еден дадоа Фелипе, Мицевски и Колевски за убедлива победа на Вардар, со тоа ја оправдаа фаворитската улога. 

Првиот гол на Вардар се случи во 18. минута кога по една акција, Попзлатанов некаде од пеналтикот го најде патот до мрежата. На 2:0 зголеми Дарко Мицевски во 32. минута кој што погоди со глава по центаршутот на Брдаровски од десната страна. Во 37. минута трет гол во мрежата на Победа повторно преку Попзлатанов по асистенција на Брдаровски, а потоа Колевски донесе 4:0 откако излезе сам пред голот, поставувајќи го конечниот резултат на полувремето. 

5:0 беше во 46. минута кога Попзлатанов погоди во празна мрежа по додавање на Колевски, а потоа Фелипе по додавање од Попзлатанов ги постави конечните 6:0. Победата можеше да биде поубедлива ако беа искористени уште барем 2-3 шанси. На другата страна Победа немаше сериозна прилика, па Гачевски речиси остана и без работа. 

недела, 19 мај 2019