Вардар ремизираше со Академија Пандев во Турново

Интересен натпревар се одигра во Турново помеѓу Академија Пандев и Вардар, кој заврши без победник 1:1. После првиот дел во кој немаше голови, а неколку шанси, во вториот дел брзо паднаа два гола, односно откако домашниот тим стигна до водство, веднаш Вардарци успеаја да израмнат, резултат кој беше актуелен до крајот на натпреварот. Со тоа Вардар во третиот меѓусебен натпревар не дојде до третиот триумф над овој противник. 

Обидот на Битанг во 5. минута, беше првата шанса на натпреварот, меѓутоа во оваа ситуација топката отиде само над голот. На другата страна после две минути од слободен удар се закани Балдовалиев, меѓутоа непрецизно и над голот. Во 10. минута Блажевски нафрлува од десната страна, а обидот на Новак со глава отиде само крај голот. 

Во 22. минута шутот на Блажевски од 30 метри го одбрани Вујанац кој што одби само до Попзлатанов, следуваше нов обид, меѓутоа и нова одбрана на голманот на Академија Пандев кој што успеа да избие во корнер. 

Се играше 26. минута кога одлична интервенција забележа голманот Алексовски по обидот на Балдовалиев од добра позиција. Во 29. минута Максимов со глава се обиде, но топката заврши само во рацете на Вујанац. Последниот обид во првиот дел се случи во 42. минута кога шутот на Атанасов беше непрецизен, и топката отиде само крај левиот дирек. 

Најголемите возбудувања во тој тек од наптреварот се случија на стартот од вториот дел кога најпрво во 50. минута Академија Пандев дојде до водство. Нафрлена топка на вториот дирек до осамениот Иванов кој што со глава се обиде, Алексовски ја одби топката а таа од стативата стигна до осамениот Чешмеџиев кој што погоди во голот на Вардар. 

Сепак, радоста на домашните траеше само три минути. Битанг нафрли во шеснаесетникот до Максимов, и со глава од 5-6 метри погоди во горниот лев агол од голот на Академија Пандев. 

Во 82. минута обидот на Битанг од 25 метри оди само по средината на голот каде што одбрани Вујанац, што беше и последната прилика на натпреварот. 

АК. ПАНДЕВ - ВАРДАР    1:1 (0:0)
Стадион: „Кукуш“ во Турново. Гледачи: 400. 
Судија: Дејан Јакимовски (Скопје). 
Стрелци: 1:0 Чешмеџиев 50’, 1:1 Максимов 53’
Ж. Картони: Стоилов, Димов (АП) - Блажевски, Колевски (В). 
АК. ПАНДЕВ: Вујанац, Атанасковски, Димов, Чешмеџиев, Вареловски, Иванов, Атанасов, Стоилов (46’ Грифони), Крстовски (75’ Мишов), Михаилов, Балдовалиев (65’ Миловановиќ). 
ВАРДАР: Алексовски, Тошевски, Грнчаров, Новак, Антовски, Глигоров, Битанг, Исени (83’ Колевски), Попзлатанов (88’ Цветановски), Блажевски (77’ Бериша), Максимов. 

СТАТИСТИКА
АК. ПАНДЕВ    ВАРДАР
0    корнери    4
7/3    удари/во    8/5
18    прекршоци    17
2    офсајди    3
2    ж. картони    2
0    ц. картони    0
0    пенали    0

сабота, 7 април 2018