Вардар повторно оштетен на дерби, овој пат не му беше признат чист гол

Вардар со пораз и со горчина се враќа од Тетово, од дерби натпреварот против Шкендија во 19. коло. Горчина не поради поразот, туку поради фактот што нашиот тим повторно е оштетен на една дерби средба во ова првенство. И натаму се сеќаваме на оној признат гол на противникот на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари. Во крајна рака сомнителен затоа што никој не го виде (едниот судија не беше на местото, а другиот беше свртен на другата страна), а сега на Вардар не му е признат чист гол. 

Тоа беше 38. минута кога после еден силен удар на Најдовски, топката од пречката заврши зад гол линијата, и се одби во поле. Судијата овој пат гледаше, но не изреагира да покаже гол. Така Шкендија повторно победи, Вардар остана со празни раце и со горчината.

Единствениот гол на средбата беше во 23. минута кога по една акција, Имери беше стрелец од десната страна. 

Вардарци во финишот од средбата беа нешто поконкретни, но не успеаја да дојдат барем до бод. Ќе дојдеа до него, ако судиите го видеа чистиот гол. Вака сега останува во една нерамномерна положба со другите, да се бориме до крај за освојување на што повеќе бодови во оваа сезона, и на подобар пласман од сегашниот. Со надеж дека овие грешки, на кои се почесто сме сведоци во последно време, нема да се повторуваат.

ШКЕНДИЈА - ВАРДАР    1:0 (1:0)

Градски стадион во Тетово. 

Судија: Димитар Мечкаровски. 

Стрелец: 1:0 Имери 23’

Ж. Картони: Жуниор, Мерџани, Бејтулаи (Ш) - Најдовски, Мицевски, Брдаровски (В). 

ШКЕНДИЈА: Захов, Бејтулаи, Алими, Муслиу, Тотре, Фазли (74’ Жуниор), А. Ибраими (82’ Бојку), Мурати, Емини, Мерџани, Имери (51’ Имери). 

ВАРДАР: Гачевски, Манев, Битанг (66‘ Тошевски), Жуниор, Лира, Мицевски, Колевски (46’ Аврамовски), Новак, Најдовски (78’ Адем), Фелипе, Брдаровски. 

недела, 17 февруари 2019