Вардар поразен од Шкендија со сомнителен гол

Вардар го претрпе првиот пораз во оваа сезона. Денеска во дербито беше поразен од тимот на Шкендија во крајно контроверзен натпревар во кој што првиот гол на противникот е крајно сомнителен. Вториот погодок е чист, меѓутоа прашање е како ќе се одвиваше натпреварот да не беше тој прв гол кој што остава многу нерешени дилеми. Топката беше блиску до гол линијата, а судиите се решија да го признаат, и покрај тоа што на фотографијата јасно се гледа дека првиот дополнителен асистент гледа на друга страна, додека првиот помошник судија кој што практично го призна голот, го нема на своето место!? Како тогаш може да донесе одлука дека топката ја минала гол линијата?

Уште еднаш фотографијата од која јасно се гледа дека во спорниот момент, дополнителниот асистент не ја гледа ситуацијата, а помошникот го нема за да ја види ситуацијата. Гo нема ниту главниот судија во близина на моментот.

Натпреварот почна со шансата на Имери во 1. минута кој шутираше крај голот. Во 12. минута после вториот груб старт на Жуниор, и притоа не му беше покажан жолт картон, Попов се закани од прекин, меѓутоа Захов одбрани.

Во 14. минута Ибраими од дваесетина метри ја погоди стативата од голот на Гачевски. Во 16. минута двојна шанса за тетовскиот тим, и на два пати Гачевски беше одличен и успеа да одбрани.

Следната шанса Вардар ја имаше во 34. минута кога Битанг шутираше од дваесетина метри, но одбрани Захов. Се играше судиското надополнување кога Ибраими од десната страна го проигра Емини кој со глава ја упати топката кон голот, таму на самата гол линија интервенираше Гачевски, а на сугестија на помошникот судија (кој не беше на местото каде што треба да биде за да види убаво), судијата Маркоски го призна голот како регуларен.

Изаир Емини во 51. минута се најде во добра шанса, но повторно Гачевски одбрани. Во 59. минута обид на Лира со глава, и од самата гол линија одбраната на Шкендија успеа да ја расчисти опасносста. Во 69. минута обид на Попов со глава, право во рацете на Захов.

Пред самиот финиш две шанси за Вардар преку Мицевски. Најпрво во 84. минута кога шутираше силно од дваесеитна метри, но голманот на Шкендија успеа да одбрани. Чуварот на мрежата на тетовскиот тим го одбрани ударот на истиот играч и во 86. минута кога шутираше под пречката.

На 2:0 за Шкендија зголеми Ибраими во 89. минута. Со прецизен удар од 16-17 метри ја смести топката во левиот агол од голот на Гачевски. Тоа се случуваше во миговите кога Вардар напаѓаше за да го анулира водството на противникот од оној сомнителен гол пред крајот на првиот дел, но на крајот не успеа.

Ете ја фотографијата, доаказите се на маса, надлежните во ФФМ убаво нека ја разгледаат ситуацијата. Судиите не гледаат каде што треба, или ги нема, а носат одлуки важни за еден натпревар, кои може да се покажат и за шампионатот во целина.

ВАРДАР - ШКЕНДИЈА   0:2 (0:1)

Стадион: „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 1.500.

Судија: Марјан Маркоски.

Стрелци: 0:1 Емини 45’+3, Ибраими 89’

Ж. Картони: Гачевски, Лира (В) - Жуниор, Муслиу (Ш).

ВАРДАР: Гачевски, Тошевски (75’ Ибиши), Новак, Попов, Тодороски, Мицевски, Најдовски, Битанг, Цветаноски (65’ Попзлатанов), Брдаровски, Лира.

ШКЕНДИЈА: Захов, Мурати, Бејтулаи, Муслиу, Мици, Тотре, Имери, Алими, Жуниор (90’ Адили), Емини (74’ Нафиу), Ибраими.

недела, 21 октомври 2018