Вардар поразен од Шкендија на стартот од новата сезона

На отворањето на новата сезона, Вардар денеска го загуби дербито против Шкендија одиграно во Тетово. Противникот триумфираше со 2:0 со головите во вториот дел во рок од 62 до 66 минута. Ова е прв пат после неколку години шампионот со пораз да го почне шампионатот.

Први на натпреварот се заканија фудбалерите на Шкендија. Во серија имаа неколку шанси, но и неколку пати Гачевски одлично интервенираше.

Во 5. минута обидот на Жуниор од левата страна го одбрани нашиот голман. Една минута подоцна топката оди над голот после шутот на Ибраими од слободен удар од триесетина метри. Веќе во 8. минута Гачевски ја бележи најубавата одбрана во првиот дел од средбата. Му го брани ударот на Хасани, иако играчот на Шкендија беше сам пред него. Во 17. минута нова одбрана на Гачевски. Овој пат му го брани шутот на Радески од десетина метри после мешаницата во шеснаесетникот на Вардар. Во 21. минута нашиот голман го одбрани и обидот на Алими.

Се играше 23. минута кога Вардарци можеа да дојдат до водство. После центаршутот од десната страна, одбраната на Шкендија изби до Блажевски кој што од прва, од волеј упати прецизен удар, меѓутоа Захов со крајни напори успеа да одбрани.

Следуваше и шансата на Радески во 28. минута кога шутираше само над голот, а потоа и серија на остри прекршоци и жолти картони на двете страни. Дојде и крајот на првиот дел од средбата во кој мрежите мируваа.

После мирниот почеток на вториот дел без шанси, Шкендија брзо дојде до 2:0 во рок од само неколку минути. Првиот гол тетовскиот тим го постигна во 62. минута. Ибраими долго време ја имаше топката и ја ддоаде до Хасани кој одигра со Алими, а овој шутираше од дваесетина метри прецизно во горниот десен агол.

После само четири минути после противнапад Шкендија дојде и до 2:0. Брзо се разви акцијата на домаќинот, а Хасани го проигра Жуниор кој што беше прецизен во мрежата на Гачевски.

Во 75. минута Радески имаше нова прилика од десно, но овој пат Гачевски успеа да одбрани и да спречи нова топка во неговата мрежа.

До крајот на натпреварот немаше посериозни шанси за промена на резултатот. 

ШКЕНДИЈА - ВАРДАР   2:0 (0:0)

Градски стадион во Тетово. Гледачи: 10.000.

Судија: Димитар Мечкаровски (Скопје).

Стрелци: 1:0 Алими 62’, 2:0 Жуниор 66’

Ж. Картони: Ибраими, Алими, Цуцули, Бојку (Ш) - Барсегјан, Николов, Хамбарџумјан, Новак, Грнчаров, Блажевски (В).

ШКЕНДИЈА: Захов, Тодоровски, Бејтулаи, Цуцули, Челиковиќ, Тотре, Алими, Хасани (93’ Шефити), Жуниор (80’ Бојку), Радески, Ибраими (83’ Абдурахими).

ВАРДАР: Гачевски, Хамбарџумјан, Грнчаров, Новак (63’ Џигаури), Демири, Спировски, Николов (69’ Исени), Блажевски, Фелипе, Барсегјан, Колевски (46’ Велковски)

 

СТАТИСТИКА

ШКЕНДИЈА        ВАРДАР

6              корнери              0

16/8       удари/во            3/1

16           прекршоци       18

2              офсајди               2

4              ж. картони         6

 

ФОТО: Спортмедиа

сабота, 12 август 2017