Вардар поразен од Копенхаген и елиминиран од ЛШ

За жал, Вардар не успеа да се пласира во плеј-офот од Лигата на шампионите. Вардаровиот тим вечерва е елиминиран од Копенхаген од ова натпреварување, со оглед дека на реванш мечот беше поразен од данскиот првак со 4:1, со кој противникот ја анулираше предноста од првиот натпревар која што беше на страната на „црвено-црните“ од 1:0.

Нашата екипа при водство на Копенхаген од 1:0, постигна гол со кој го израмни резултатот, но потоа Копенхаген повторно дојде во водство. Во 71. минута имаше црвен картон за домашните, со кој што му дадоа предност на теренот на Вардар во однос на играчите. Меѓутоа Копенхаген стигна до два гола во финишот од натпреварот и до пласман во следната фаза од најелитното европско натпреварување. Нашиот тим продолжува во плеј-офот од Лигата на Европа.

Уште на стартот на натпреварот, поточно од втората минута, Копенхаген се стекна со водство, и со тоа ја анулираше негативата од првиот меч во Скопје. Нафрли Бенгтсон од левата страна на вториот дирек каде што Вербиќ ја врати топката на петерецот. Таму вардаровиот стопер Новак сакаше да ја расчисти опасноста, но топката дојде само до Грегуш кој што упати силен и прецизен удар во горниот десен агол од голот на Гачевски.

Првата закана за Вардар дојде во 3. минута кога Барсегјан упати удар, но непрецизен и топката отиде само крај голот. Николов во 13. минута упати силен удар кој што оди за малку над голот на Копенхаген. Во 16. минута најдобрата прилика за Вардар. Којашевиќ од левата страна испрати центаршут на втората статива каде што Балотели не успеа да упати удар кон голот на данскиот тим.

Копенхаген можеше да ги казни овие неискористени шанси во 17. минута. Сантандер се најде во добра позиција, а неговиот обид заврши само во пречката од голот.

Веќе во следниот напад Вардар успеа да дојде до израмнување. После грешката во одбраната на данскиот тим, Фелипе го проигра Хамбарѕумјан кој што од десната страна доаде до Николов, а овој од 10-11 метри ја упати топката во долниот десен агол. Резултатот беше израмнет, „црвено-црните“ дојдоа до тој толку посакуван гол над Копенхаген, на негов терен.

Веднаш потоа Вербиќ од дваесетина метри се обиде, но Гачевски успеа да одбрани. Се играше 26. минута кога Копенхаген стигна до второ водство. Изведоа корнер Данците, а на петерецот топката го удри Барсегјан, и несреќно заврши во голот на Вардар.

Последната шанса во првиот дел ја имаше домаќинкот преку Вербиќ, кој што упати удар кој оди само над голот на Гачевски, со што заврши првиот дел со минимално водство за Копенхаген, но во тие моменти Вардар имаше резултат кој што го носи во следната фаза.

На почетокот на вториот дел, прва шанса за нашиот тим преку Барсегјан кој што упати удар само по средината на голот каде што Олсен успеа да одбрани.

Потоа ништо не се случуваше на натпреварот се до 71. минута кога Копенхаген остана со играч помалку. Грегуш направи остар фаул на средината на теренот, а тоа значеше втор жолт картон за овој играч и предност за нашиот тим.

Но, само четири минути подоцна данската екипа постигна нов гол и дојде до 3:1, резултат кој што го носеше во следната фаза од Лигата на шампионите. Јасно беше дека на Вардар сега му е потребен гол за да дојде до пласман во следната фаза. Блажевски ја имаше таа прилика, но голманот Олсен му го одбрани шутот.

На две минути пред истекот на регуларниот дел на мечот, после еден противнапад, Копенхаген доби шанса да дојде и до 4:1. Гачевски го фаулираше Вербиќ, и судијата покажа на белата точка. Сигурен реализатор беше Сотиру кој што погоди во мрежата на Гачевски.

До крајот на мечот обидите на Вардар да дадат барем уште еден гол завршија неуспешно, и со тоа Копенхаген дојде до резултат кој го носи во следната фаза од Лигата на шампионите, а „црвено-црните“ продолжуваат во плеј-офот од Лигата на Европа, после кој ќе се обиде да влезе во групна фаза од меѓународно натпреварување. 

КОПЕНХАГЕН - ВАРДАР        4:1 (2:1)

вкупен резултат: 4:2

Стадион: „Телиа Паркен“ во Копенхаген. Гледачи: 15.400.

Судија: Џон Битон (Шкотска).

Стрелци: 1:0 Грегуш 2’, 1:1 Николов 19’, 2:1 Барсегјан (а.г.) 26’, 3:1 Сантандер 75’, 4:1 Сотиру (п) 88’

Ж. Картони:  Грегуш (К) - Демири (В).

Ц. Картон: Грегуш 71’ (К).

КОПЕНХАГЕН: Олсен, Томсен, Лифтнер, Јохансон, Бенгтсон, Вербиќ, Грегуш, Квист, Тутох (82’ Аманква), Павловиќ (83’ Сотиру), Сантандер (78’ Матиќ).

ВАРДАР: Гачевски, Хамбарџумјан (76’ Блажевски), Грнчаров, Новак, Демири, Николов, Спировски (82’ Џигаури), Барсегјан, Фелипе, Којашевиќ (46’ Брдаровски), Балотели.

 

ФОТОГАЛЕРИЈА>>

среда, 2 август 2017