Вардар победи во Истанбул и напиша ИСТОРИЈА!

Историјата на Вардар вечерва се напиша во Истанбул. На азиската страна покрај Босфорот, Вардарци го совладаа Фенербахче и со вкупни 4:1 го совладаа својот противник и обезбедија учество во групната фаза од Лигата на Европа. Браво за момците на Јаневски. Браво за Гача, Брда, Новак, Боби, Спире, Фелипе, Тигран, Хов, Никола и сите кои што ја донесоа оваа историска вечер, историска победа која што го носи нашиот тим во групите. Сите заслужуваат честитки, ова е успех на целата екипа. 

И после водството нашиот тим покажа карактер, и најпрво успеа да израмни, и потоа  и да стигне до уште еден гол за да го обезбеди овој голем триумф. 

Првото полувреме во Истанбул заврши без голови, иако Фенербахче го имаше поседот на топката, имаше шанси, но поблиску до водство беше токму Вардар.

Најпрво шанса за Озан кој што се обиде со глава, но Гачевски успеа да одбрани. Во 22. минута по една долга топка Ван Перси се обиде да го смени правецот, но нашиот голман успеа да ја прифати во рацете. Минута подоцна удар на Топал од триесетина метри и бравурозна одбрана на Гачевски. Шансите на Фенербахче преку удари од далечина продолжија и во 34. минута кога обидот на Ван Перси оди над голот. Се играше 39. минута и нова закана од Фенербахче. По центаршут од Валбуена, ИСла со глава се обиде, но Гачевски одново брани.

Вардар ја имаше најдобрата шанса за водство. На три минути пред крајот од регуларниот дел Барсегјан се најде во добра ситуација, го мина Шкртел, и со десна нога упати удар кој што заврши во десната статива. Топката се одби повторно до Барсегјан кој што упати прецизен удар во долниот десен агол, меѓутоа Камени успеа да одбрани. Голема шанса за нашиот тим да дојде до водство и да ги зголеми шансите за севкупна победа на овие два меча со Фенербахче.

Фенербахче ја имаше првата шанса во вториот дел преку Чахечоухе, но шутираше само над голот. Во 53. минута обидот со глава на Озан го одбрани Гачевски, а во 55. минута обид на Туфан кој оди само над голот. Не минаа ниту три минути, нова прилика за Фенербахче преку Валбуена. Упати силен удар од 25. метри кој што Гачевски успеа да го одбрани.

Во 60. минута Фенербахче успеа да постигне гол и да дојде до водство. Валбуена изведе корнер од десната страна, на првиот дирек Шкртел ја додаде топката до Нојштадер, кој што од 6-7 метри беше прецизен.

Сепак, во 68. минута Вардарци стигнаа до посакуваниот гол. Противнапад кој што го поведе Фелипе, успеа да го проигра Џигаури, а овој тргна сам кон голот, го мина Нојштадер, иако се чинеше дека топката ќе ја прифати голманот Камени, сепак, нашиот фудбалер се реши да оди до крај, со лизгачки старт ја зафати, а таа од неговата нога заврши во мрежата на Фенербахче. Многу значаен гол за екипата на Вардар, за нашиот тим кој што беше поблиску до пласман во групите од Лигата на Европа.

На крајот неколку протинапади на Вардар кои што нема да резултираат со водство благодарение на одбраните на голманот Камени кој што ќе успее да одолее на нападите на Барсегјан, Фелипе, Спировски... 

Меѓутоа до конечниот триумф на овој меч Вардар ќе стигне во судиското надополнување. Барсегјан поведе брз напад, стигна до 20 метри и убаво го проигра Глигоров кој што шутираше прецизно во мрежата на Камени за водство од 1:2 и конечен триумф со кој Вардар обезбеди историско учество во групната фаза од Лигата на Европа, што е најголем успех на македонскиот клупски фудбал. 

ЛИГА НА ЕВРОПА, ПЛЕЈ-ОФ (ВТОР НАТПРЕВАР)

ФЕНЕРБАХЧЕ - ВАРДАР          1:2 (0:0) вкупен резултат: 1:4

Стадион: „Шукру Сарачоглу“ во Истанбул. Гледачи: 45.000.

Судија: Даниел Стефански (Полска).

Стрелци: 1:0 Нојштадер 60’, 1:1 Џигаури 68’, 1:2 Глигоров 90’+1

Ж. Картони: Нојштадер, Туфан (Ф).

ФЕНЕРБАХЧЕ: Камени, Исла, Нојштадер, Шкртел, Кобајаши, Дирар, Туфан, Топал (75’ Ќосе), Валбуена, Потук (44’ Чахечоухе), Ван Перси (59’ Солдадо).

ВАРДАР: Гачевски, Хамбарџумјан, Велковски (74’ Глигоров), Новак, Брдаровски, Спировски, Николов, Фелипе, Џигаури (84’ Којашевиќ), Блажевски (62’ Муслиу), Барсегјан.

 

СТАТИСТИКА

ФЕНЕРБАХЧЕ  ВАРДАР

СТАТИСТИКА

5          корнери          1

16/10   удари/во        12/8

11        прекршоци     6

2          ж. картони      0

3          офсајди          3

0          ц. картони      0

0          пенали            0

четврток, 24 август 2017