Вардар ќе се подготвува во Анталија, ќе се играат шест контролни натпревари

Познат е планот на зимските подготовки на Вардар. Нашиот тим одново заминува во Анталија, Турција, каде што ќе биде стациониран 20 дена, и ќе бидат одиграни шест контролни натпревари, од кои пет се веќе закажани, а за еден се чека официјализација.

Вардарци се собираат на 9. јануари во тренинг кампот во Хиподром, кога ќе биде извршена првата прозивка и првиот тренинг. Шест дена подоцна екипата заминува во Анталија, а првиот контролен меч е на 20. јануари со Хајдук. Потоа Вардарци ќе играат против Динамо Киев, Црвена Звезда, Борац Бања Лука и Мура. Се чека потврда на противникот за пријателскиот меч на 26. јануари.

Во Анталија, експедицијата ќе биде сместена во два хотели. Од 15.01 до 25.01, Вардарци ќе отседнат во „Miracle hotel", а од 25.01 до 04.02 нашиот тим ќе биде сместен во „Titanic beach hotel“.

Шефот на стручниот штаб Александар Васоски го соопшти планот и очекувањата околу зимските подготовки. 

„Прво да им честитам Нова година и Божиќни празници на сите симпатизери на Вардар. За нас ова ќе биде година во која ќе мора да ги потврдиме игрите од првиот дел, да бидеме уште подобри, да се подобриме во секое поле, и нормално сите ние и нашите навивачи посакуваме да ја заокружиме со титула. Што се однесува до подготовките, почнуваме на 9. јануари. Ќе тренираме во нашиот тренинг камп во Хиподром до 14. јануари, а потоа на 15. јануари заминуваме во Анталија каде ќе одиграме пријателски натпревари со цел да го издигнеме нашето ниво и нашиот систем на игра. Резултатите од контролите не се во прв план. Играчкиот кадар е добро познат на јавноста, сега останува уште подобро да се воиграме и подготовени да го дочекаме пролетниот дел“, рече шефот на стручниот штаб на Вардар, Александар Васоски.

ПЛАНОТ НА ПОДГОТОВКИТЕ НА ВАРДАР

СКОПЈЕ, ХИПОДРОМ ТРЕНИНГ ЦЕНТАР 09.01.2020 - 14.01.2020

АНТАЛИЈА, ТУРЦИЈА 15.01.2020 - 04.02.2020

ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАРИ:

20.01. - Вардар - Хајдук (Хрватска)

23.01. - Вардар - Динамо Киев (Украина)

26.01. - пријателски натпревар (противникот дополнително ќе биде објавен)

29.01. - Вардар - Црвена Звезда (Србија)

02.02. - Вардар - Борац Бања Лука (БИХ)

03.02. - Вардар - Мура (Словенија)

петок, 3 јануари 2020