Вардар го совлада Работнички и дојде до првиот триумф сезонава

Вардар првиот триумф сезонава го забележа против градскиот ривал Работнички. Со головите во вториот дел на Колевски и на Аврамовски, „црвено-црните“ стигнаа до заслужен триумф над својот противник, а ако беа искористени и добар дел од шансите, триумфот ќе беше и поубедлив.

Први на средбата се закануваа фудбалерите на Работнички кои два пати се обидоа преку Херера, но во двата наврати Гачевски одбрани.

Потоа следуваше и двојната шанса за Вардар, најпрво Мицевски го „тестираше“ голманот Шишковски кој со проблеми одби во Колевски, но напаѓачот на Вардар од непосредна близина беше непрецизен.

Водечкиот гол се случи во 56. минута. Најпрво Аврамовски по нафрлената топка од левата страна шутираше, Шишковски одби до Колевски кој со помош на пречката го најде патот до голот.

Следуваа уште неколку шанси за Вардар. Најпрво Брдаровски од поволна позиција шутираше, Шишковски одбрани, а во продолжение на акцијата Мицевски не успеа да погоди во празниот гол. Претходно прилика имаше и Аврамовски кој се обиде со петица, но не успеа.

Во 90. минута „точка“ на овој триумф стави Аврамовски. По една добра акција, фудбалерот на Вардар излезе сам пред голот на Работнички, шутираше прецизно и донесе водство од 2:0, што беше доволно за првиот триумф.

Воедно, ова беше првиот домашен натпревар на Вардар на Националната Арена по една сезона пауза, откако минатосезонските натпревари како домаќин ги играше на стадионот „Борис Трајковски“. 

Во среда во Македонска Каменица, Вардар го игра натпреварот од 1/16 финалето од Купот против тимот на Саса. 

ВАРДАР – РАБОТНИЧКИ              2:0 (0:0)

Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 500.

Судија: Дејан Јакимовски. 

Стрелци: 1:0 Колевски 56’, 2:0 Аврамовски 90’

Ж. Картони: Адем, Цветановски, Аврамовски (В) – Шаркоски, Јаго, Ацковски, Херера (Р).

ВАРДАР: Гачевски, Тошевски, Најдовски, Жуниор, Мицевски, Колевски (68’ Цветановски), Аврамовски (92’ Ибиши), Новак, Серафимов, Адем, Брдаровски.

РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Велкоски, Херера, Стојчевски, Ацковски (87’ Пановски), Марковиќ, Стојков, Јаго (56’ Тошевски), Шаркоски, Клисура, Крстевски (74’ Паповиќ).

сабота, 24 август 2019