Вардар го совлада Пелистер и ја продолжи серијата на победи

Продолжува победничката првенствена серија на Вардар во пролетниот дел. Во петиот натпревар, нашиот тим успеа да дојде до петиот триумф. Денеска на Националната Арена „Филип Втори“ во дербито нашиот тим успеа да го совлада Пелистер со 3:1. После првиот дел нашата екипа имаше убедливо водство, кое што во вториот дел противникот успеа само да го ублажи со погодок од пенал, и така Вардар да го прими првиот гол после четири натпревари „чиста“ мрежа.

Фантастично прво полувреме на Вардар кој што на паузата имаше водство од убедливи 3:0. Уште во 12. минута после првата шанса Вардарци дојдоа до водство со голот на Боарето. Фелипе испрати прецизна топка, Боарето убаво ја смири, се ослободи од своите чувари и упати силен удар во долниот десен агол. Следуваа шансите на Фелипе кој што од слободен удар шутираше само над голот, а три минути подоцна Боарето се најде осамен пред голот, упати шут, меѓутоа топката заврши само во пречката.

Следуваа минути на Пелистер кој што во рок од три минути имаше три шанси. Најпрво Маркоски упати прецизен удар, но Гачевски одбрани. Нашиот голман на место и после обидот на Кардосо со глава по центаршутот на Илиев, а потоа шутираше и Аугусто од слободен удар, меѓутоа нашиот голман беше феноменален.

Вардарци имаат реализаторски финиш на првиот дел. Во 41. минута после еден старт над Блажевски надвор од шеснаесетникот, голманот Пашовски доби само жолт картон иако фотографијата покажува дека требаше фа му биде покажан црвен картон.

Вардар имаше шанса од слободен удар да го загрози противничкиот гол. Спировски упати прецизен удар во долниот десен агол, иако се чинеше дека Пашовски ја има топката, сепак, таа му мина низ рацете и заврши зад гол линијата за водство од 2:0 во 41. минута.

На една минута пред крајот на полувремето најубавиот момент на натпреварот. Барсегјан доби една топка на педесетина метри одкосо од десно, забележа дека Пашовски е излезен, упати лоб удар кој што заврши во голот на Пелистер. Фантастичен погодок на ерменскиот интернационалец кој што погоди речиси од близина на клупата на противничкиот тим. Прекрасно! После овој погодок судијата Мечкаровски ги испрати фудбалерите на двата тима на пауза.

И после убедливото водство, нашиот тим посакуваше да постигне уште некој гол да дојде до уште поубедлива предност. Таква можност имаше Блажевски во 56 минута после една добра акција која ја почна Фелипе и асистираше Спировски, меѓутоа обидот на Блажевски успеа да го одбрани голманот Пашовски и да избие во корнер.

Следуваа минути на Пелистер. Најпрво во 59. минута Аугусто со глава се закани, меѓутоа топката оди само над голот, а потоа Трифуновски упати прецизен удар во долниот десен агол, но со парада Гачевски одбрани. Во 67. минута Демири стартуваше над Тошевски во шеснесетникот за пенал на Пелистер, и сигурна реализација на Ковачев од белата точка во долниот десен агол за намалување на водството.

Се чини надежите на битолскиот тим за добар резултат „згаснаа“ после црвениот картон на Маркоски. Тоа придонесе Вардар да ја има топката во своите нозе во последните 15 минути од средбата, да направи уште една шанса преку Демири, меѓутоа не и по четврти пат да го совлада Пашовски, па на крајот резултатот беше 3:1 и нови три бода за нашиот тим.

 

ВАРДАР - ПЕЛИСТЕР     3:1 (3:0)

Национална Арена „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 1.000.

Судија: Димитар Мечкаровски (Скопје).

Стрелци: 1:0 Боарето 12’, 2:0 Спировски 41’, 3:0 Барсегјан 44’, 3:1 Ковачев (пен) 67’

Ж. Картони: Демири, Боарето (В) - Маркоски, Пашовски, Фернандо (П).

Ц. Картон: Маркоски 77’ (П).

ВАРДАР: Гачевски, Брдаровски, Грнчаров, Новак, Демири, Спировски, Фелипе, Велковски (56’ Глигоров), Боарето, Блажевски (78’ Џигаури), Барсегјан (62’ Николов).

ПЕЛИСТЕР: Пашовски, Тошевски, Бојовиќ (70’ Бујчевски), Ковачев, Миленковски (33’ Фернандо), Илиев, Маркоски, Попзлатанов (46’ Петров), Трифуновски, Аугусто, Лукас.

 

СТАТИСТИКА

ВАРДАР               ПЕЛИСТЕР

3              корнери              6

13/7       удари/во            7/5

19           прекршоци       18

3              офсајди               0

2              ж. картони         3

0              ц. картони          1

0/0      пенали/реализирани  1/1

 

МИНУТА ПО МИНУТА>>

ФОТОГАЛЕРИЈА>>

ВИДЕО>>

недела, 9 април 2017