Вардар ги стартуваше зимските подготовки

Заврши зимската пауза за Вардар, и од денеска фудбалерите се во „погон“. Во 14 часот, шефот на стручниот штаб Александар Васоски ја имаше првата прозивка на која што присуствуваа сите играчи, освен Жуниор Реис Родригез кој од Бразил, во зависност од авионските линии, треба да пристигне во нашата земја најдоцна до утре, и веднаш да се приклучи на подготовките. 

Како што е познато, „црвено-црните“ ќе работат во Скопје до 15 јануари, а потоа заминуваат во Анталија каде ќе бидат до 4. февруари. 

„Како стручен штаб им посакавме среќа на играчите, и официјално ги стартувавме подготовките за пролетниот дел од сезоната. Како што е познато, тука во Скопје сме до 15. јануари, ќе тренираме во нашиот тренинг камп, а потоа заминуваме во Анталија каде преку пријателски натпревари, ќе ја темпираме формата за почетокот на вториот дел од сезоната. Очекувам добро да се подготвиме, и се разбира она што го посакуваме, сите да бидат здрави на почетокот на пролетниот дел од шампионатот. Ќе имаме квалитетни ривали на пријателските натпревари во Анталија, но реков дека резултатите се во втор план, важно ќе биде да ја подготовиме нашата тактика, и уште подобро да се воиграме“, рече шефот на стручниот штаб Александар Васоски. 

Познати се сите противници на Вардар во Анталија, односно официјализирана е и третата контрола во Анталија. Третиот противник ќе биде српскиот прволигаш Бачка Топола.

 

ПЛАНОТ НА ПОДГОТОВКИТЕ НА ВАРДАР

СКОПЈЕ, ХИПОДРОМ ТРЕНИНГ ЦЕНТАР 09.01.2020 - 14.01.2020

АНТАЛИЈА, ТУРЦИЈА 15.01.2020 - 04.02.2020

ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАРИ:

20.01. - Вардар - Хајдук (Хрватска)

23.01. - Вардар - Динамо Киев (Украина)

26.01. - Вардар - Бачка Топола (Србија)

29.01. - Вардар - Црвена Звезда (Србија)

02.02. - Вардар - Борац Бања Лука (БИХ)

03.02. - Вардар - Мура (Словенија)

четврток, 9 јануари 2020