Вардар доминираше и имаше многу шанси, но одигра само 2:2 против Шкендија

И покрај многуте шанси, и покрај поголемата доминација на теренот и повеќето удари кон голот на противникот, сепак, Вардар одигра само 2:2 против Шкендија во денешниот прв 1/8 финален натпревар од Купот на Македонија. Шкендија со само два шута стигна до два гола и предност на полувремето, кое беше анулирано во вториот дел, а ако среќата беше барем малку на страната на Вардарци, тогаш можеше да се случи и целосен пресврт.

Вардар на почетокот се закануваше со удари од далечина преку Мицевски и Најдовски, но двата обида во првите минути ги одбрани Реџепи.

Казната стигна во 8. минута. По една мешаница пред голот на Вардар. Имери донесе водство за Шкендија.

Но, Вардарци тука не застанаа. Напаѓаа, имаа посед, имаа шанси, но Реџепи не дозволуваше да се затресе неговата мрежа. Аврамовски, Жуниор, Мицевски, Серафимов имаа шанси, меѓутоа никако топката не завршуваше во голот. Во 35. минута Вардар беше и со играч повеќе откако исклучен беше противничкиот фудбалер Мици.

Меѓутоа во 42. минута Ибраими со удар од 20 метри го совлада Гачевски и донесе солидна предност на Шкендија.

Во вториот дел иста слика како на почетокот на мечот. Повторно Вардарци со шанси, и повторно Реџепи секогаш на вистинското место. Но, нашиот тим ќе го најде „рецептот“ како да се совлада голманот на Шкендија во 71. минута кога нововлезениот Колевски успеа да дојде до гол и да намали. Желбата и волјата да се дојде до поволен резултат не изостана. Така во 80. минута Жуниор ја продолжи својата голгетерска серија, и погоди со глава за 2:2.

Шанса за 3:2 имаше Вардар преку Адем, но топката профуче сантиметри крај голот на Шкендија и испуштена беше последната шанса за победа.

ФОТОГАЛЕРИЈА>>

ВАРДАР – ШКЕНДИЈА 2:2 (0:2)

Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 500.

Судија: Дејан Јакимовски.

Стрелци: Колевски 71’, Жуниор 80’ (В) - Имери 8’, Б. Ибраими 42’ (Ш).

Ж. Картони: Серафимов, Гачевски, Новак (В) – Жуниор, А. Ибраими, Чешмеџиев, Мерџани, Мурати (Ш).

Ц. Картони: Мици 38’ (Ш) – Мицевски 90’ (В).

ВАРДАР: Гачевски, Тошевски, Серафимов (46’ Адем), Новак, Жуниор, Брдаровски, Мицевски, Најдовски, Цветаноски, Попзлатанов (70’ Колевски), Аврамовски.

ШКЕНДИЈА: Реџепи, Мици, Мурати, Незири, Чешмеџиев, Алими, Тотре, Жуниор, Имери (61’ Радески), А. Ибраими (86’ Хусмани), Б. Ибраими (44’ Мерџани).

среда, 25 септември 2019