Тошевски: Понуда од Вардар не се одбива

Кристијан Тошевски е нов играч на Вардар. Македонскиот репрезентативец ги договори сите услови со нашиот тим, и стави потпис на 3-годишен договор со „црвено-црните“. Вардарци го ангажираа фудбалерот кој што игра на позицијата десен бек и доаѓа од таборот на Пелистер, а во минатото играше за тетовскиот тим Тетекс.

Како си задоволен од понудените услови од Вардар и како се чувствуваше кога слушна за интересот од најтрофејниот клуб?

„Од понудите услови сум задоволен, и кога ми стигна понудата, воопшто не размислував. Ја прифатив, и ете сега сум дел од Вардар, од клубот број еден во Македонија. Секој играч во Македонија, посакува да игра за овој тим, и едвај чекам да почнам да играм во нашиот најдобар клуб“

Што очекуваш во иднина, дали чувстуваш на некој начин притисок што ќе бидеш дел од најдобриот македонски клуб?

„Притисок секогаш има во големите клубови, но притисок има секаде во фудбалот, некаде помалку, некаде повеќе. Подготвен сум да се носам со сето тоа. Сепак, сите ние сме професионалци и тоа ни помага лесно да се адаптираме во секоја средина“

Очекуваш ли брзо да се адаптираш во новата средина?

„Со повеќемина играчи ја делам соблекувалната во репрезентацијата, се дружам со нив. Ги знам добро речиси сите фудбалери на Вардар, и сето тоа ќе ми биде од голема корист за побрза адаптација во новата средина“

Може ли Вардар сезонава да дојде до одбрана на шампионската титула и до освојување на Купот на Македонија?

„Се надевам прво да ја оправдам довербата која ми ја укажа стручниот штаб и раководството на екипата. Посакувам и ќе дадам се од себе тимот да ја одбрани титулата шампион, а и во Купот да го освоиме пехарот. Зошто да не, мислам дека Вардар има квалитет да дојде до двојна круна“

вторник, 9 јануари 2018