Тошевски и Мицевски играле со Пјуник: Сега ние да одиме понатаму

Има Вардар во своите редови фудбалери кои што веќе настапиле против Пјуник. Дарко Мицевски и Кристијан Тошевски во 2013 година со Тетекс го добија токму ерменскиот тим за противник исто така во Лигата на Европа. Тогаш двајцата фудбалери беа елиминирани од овој тим, но сега велат дека приказната е сосема поинаква и дека посакуваат успех против следниот ривал на „црвено-црните“ во Лигата на Европа.

„Добро се сеќавам на тие два натпревари. Јас влегов од клупата и на двата меча. Тогаш разликата беше што првиот натпревар го игравме во Скопје. Беше 1:1, а на реваншот бевме поразени со гол во последната минута. Мораше да се отвориме, да ризикуваме да дадеме гол и се случи да примиме. Сметам дека тогаш Пјуник беше посилен, заврши како втор на табелата во Ерменија, а ние како освојувачи на Купот излеговме во Европа. Минаа четири години од тогаш, и мислам дека многу работи се променети. Сега нормално, посакувам успех против Пјуник и да поминеме во следната фаза. Оваа екипа има квалитет и доста искуство да одговори на предизвикот најпрво во Ереван, а потоа и на реваншот во Скопје. Ќе одиме на победа и на двата натпревари.“, изјави Кристијан Тошевски.

Дарко Мицевски ги играше двата натпревари по 90. минути, и вели дека Тетекс тогаш бил блиску да минел во следната фаза, но дека детали недостасувале тогаш да биде успешен против Пјуник. Сега посакува работите да бидат поинакви од пред четири години.  

„Ждрепката сакаше повторно да играм против Пјуник. Нашиот противник во Лигата на Европа сега има сосема поинаков играчки кадар од тогаш кога играв во дресот на Тетекс. Мора да влеземе со респект без разлика на противникот. Паметам дека примивме гол во последните мигови во Ереван. Бевме елиминирани, но не бевме надиграни од Пјуник. Во Скопје двата гола паднаа во финишот од средбата, а ние израмнивме на крајот. На реваншот примивме гол пред последниот свиреж на судијата и бевме елиминирани. Нормално дека сега посакувам да им вратиме, овој пат јас и Кико да одиме во следната фаза. Одиме на победа утре како и на секој натпревар, меѓутоа мораме да бидеме внимателни затоа што секој противник на вакви натпревари има мотиви. Имаме и ние своја цел, тоа е да поминеме во следната фаза. Добро се подготвуваме за тој натпревар и ќе дадеме се од себе да бидеме успешни“, рече Мицевски.  

На Вардар ова ќе му биде прв пат да се сретне со ерменска екипа во европските Купови, додека Пјуник веќе два пати играше против македонски противници, и два пати минуваше. Време е Вардар да ја прекине традицијата која го следи ерменскиот тим. 

 

Од Ереван (Ерменија)

Текст: Горан Бошев

Фото: Денис Дуковски

среда, 11 јули 2018