Среќен роденден Вардаре!

Голем ден е денеска за Вардар. Фудбалската гордост на Македонија, на Скопје бележи 73 години од своето постоење. 73 години симбол на градот, на државата, најтрофеен клуб во самостојна Македонија, клуб кој го има направено најголемиот успех на меѓународна сцена. 

Фудбалската приказна на Вардар има скромен почеток. Како фузија од два клуба Македонија и Победа во таа 1947 година во киното „Вардар“ во Скопје, се создаде клубот кој што подоцна ќе даде многу за фудбалот во поранешната држава Југославија, а потоа и во Македонија.

Идејата за силен тим од Скопје почна да се создава веднаш, а првиот успех дојде во сезоната 1960/61 година кога Вардар ќе се закити со тогашниот Куп на Југославија. Долгогодишниот сон на сите „црвено-црните“ ќе се исполни на 40 годишниот јубилеј, кога таканаречената „златна Вардарова генерација“ ја освои титулата во поранешна Југославија и со тоа ќе биде направен најголемиот успех во историјата во поранешната држава. 

Доминираат Вардарци уште на почетокот на осамостојувањето на Македонија. По долги години чекање, по пропуштени многу шанси, во 2017 година ќе се случи долгоочекуваниот успех - пласман во групната фаза на едно европско натпреварување. Со триумфот над Фенербахче, тимот ќе се пласира во групите од Лигата на Европа. 

Вардар во последните 10 години доби и модерен тренинг камп во кој што играчите може непречено да се подготвуваат и ги имаат сите услови по примерот на модерните клубови. Се формираше и Академијата, сместена позади источната трибина на стадионот во Скопје, која ќе треба да даде идни генерации на „црвено-црните“. 

Оваа сезона тимот се закити со 11-тата шампионска титула од осамостојувањето на Република Македонија, или 12-та вкупно сметајќи ја онаа во Југославија. Но, Вардар, за жал, нема да игра во Европа во Лигата на шампионите поради недобивање на потребната лиценца. Во очекување сме на подобри времиња за клубот, за навивачите, и воопшто за фудбалот во нашата земја воопшто. Затоа што Вардар е еден, Вардар е синоним за фудбалот во Македонија!

Среќен роденден Вардаре! Да нѝ живееш и да нѐ радуваш уште долго, долго...!

среда, 22 јули 2020