Само „реми“ на Вардар на првиот меч од Купот со Македонија ЃП

Во првиот натпревар од 1/8 финалето од Купот на Македонија, Вардар одигра нерешено 1:1 против Македонија ЃП како домаќин на стадионот „Борис Трајковски“. Противникот имаше водство по првиот дел, а во 72. минута Лира успеа да донесе израмнување и „реми“ на првиот натпревар од Купот. Вардарци на крајот можеа да дојдат и до целосен пресврт, меѓутоа Попзлатанов ја погоди само стативата од противничкиот гол.

Се играше 13. минута кога по нафрлување Кировски со глава успеа да го совлада голманот Кировски за водство на Македонија ЃП. Вардарци веднаш се обидоа да вратат, имаа шанса преку Барсегјан кој излезе сам пред голот на „лавовите“, но голманот Димовски му го одбрани ударот.

Во вториот дел иницијативата на Вардар даде плод во 72. минута кога Лира по една добра акција успеа да ја затресе мрежата на противникот. Бразилецот за само неколку дена го постигнува својот втор гол во дресот на „црвено-црните“. Вардарци може да жалат бидејќи прокоцкаа да се стекнат со предност пред реваншот. Попзлатанов пред крајот на мечот ја погоди стативата со шут со левата нога, со што пропадна можноста за целосен пресврт и победа на овој меч.

Реваншот е на 3. октомври на стадионот во Ѓорче Петров.

 

ВАРДАР - МАКЕДОНИЈА ЃП   1:1 (0:1)

Стадион: „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 100.

Судија: Марјан Младеновски (Скопје).

Стрелци: 0:1 Кировски 13’, 1:1 Лира 72’

Ж. Картони: Битанг (В) - Колеќески, Билали, Родригес, Димовски (М)

ВАРДАР: Кировски, Тошевски, Манев, Битанг (68’ Максимов), Херанз, Лира, Мицевски, Барсегјан, Талевски (46’ Јуфо), Попзлатанов, Цветановски (59’ Најдовски).

МАКЕДОНИЈА ЃП: Димовски, Родригес, Лима, Блажевски (66’ Мишевски), Колеќески, Да Силва, Кировски (46’ Миовски), Пецов, Сантос (44’ Костовски), Дамаскено, Билали.

среда, 19 септември 2018