Прв пораз на Вардар од Шкендија во првенството

Во четвртиот првенствен меѓусебен натпревар, Вардар го запиша првиот пораз од дуелите со Шкендија. Денеска во Тетово противникот успеа да го совлада нашиот тим со 3:1, и да му го нанесе третиот пораз во првенството. Вардар имаше шанси за подобар резултат, меѓутоа не успеа да ги искористи. Нашиот тим и натаму останува на првата позиција на табелата со добра предност, сега од плус 10 бодови пред својот ривал. 

После првата посериозна акција, Шкендија стигна до водство. Против напад кој што тргна од десната страна, Радески убаво го проигра Меџедовиќ кој што од прва од 14-15 метри погоди во голот на Гачевски кој што беше немоќен. После водството на домашните, следуваше шанса на Ибраими во 22. минута кога се најде во добра позиција, меѓутоа уште подобро нашиот голман Гачевски интервенираше и не му дозволи на противничкиот играч да упати удар.  

Во 24. минута првата шанса за Вардар преку Боарето. Откако доби топка од Фелипе и избегна офсајд, обидот на бразилскиот напаѓач да го лобува истрчаниот голман на Шкендија заврши безуспешно. 33 минута и шут на Меџедовиќ, и интервенција на Гачевски во корнер. Во 35. минута после продорот на Барсегјан по левата страна, упати удар со кој успеа да го совлада Захов, меѓутоа од гол линијата спаси израмнување Цуцули.

Меѓутоа нашиот тим стигна до израмнувачки гол во 42 минута. Фелипе го проигра Барсегјан, кој што, пак, несебично асистираше до Боарето кој што погоди во мрежата и донесе израмнување пред крајот на првиот дел, резултат со кој што заврши првиот дел од средбата.

На стартот од вториот дел интервенција на Гачевски после обидот на Ибраими во 55. минута. Шкендија стигна до второ водство во 63 минута. После акција од десната страна, Ибраими доби топка и од дваесетина метри упати прецизен удар во левиот агол.

Следуваа три шанси за ново израмнување на Вардар. Најпрво Боарето се најде осамен од левата страна после изблокираниот шут на Блажевски, и се обиде покрај голот. Џигаури од 16 метри упати прецизен удар кој што беше одбранет од Захов во корнер. Корнерот во 77. минута го изведе Блажевски кој што центрираше до Попов кој што се обиде со глава само над голот.

И кога Вардар не ги искористи своите шанси за израмнување, Шкендија стигна до трет гол. Откако одзеде една топка по левата страна, Ибраими изненадувачки од 25 метри се реши на шут кој што одеше незгодно, и Гачевски не успеа да го одбрани за водство на тетовскиот тим од 3:1 во 82. минута. Последниот обид го имаше Блажевски во 90 минута кога шутираше само крај голот. 

ШКЕНДИЈА - ВАРДАР             3:1 (1:1)

Градски стадион во Тетово. Гледачи: 0

Судија: Александар Ставрев.

Стрелци: 1:0 Меџедовиќ 15’, 1:1 Боарето 42’, 2:1 Ибраими 63’, 3:1 Ибраими 82’

Ж. Картони: Цуцули (Ш) - Велковски (В).

ШКЕНДИЈА: Захов, Челиковиќ, Цуцули, Чолак, Тодоровски, Тотре (63’ Алими), Вујчиќ, Меџедовиќ (80’ Положани), Радески (76’ Јуфо), Жуниор, Ибраими.

ВАРДАР: Гачевски, Брдаровски, Новак, Велковски (46’ Попов), Демири, Спировски (67’ Блажевски), Глигоров, Фелипе, Џигаури, Боарето, Барсегјан (84’ Колевски).

 

СТАТИСТИКА

ШКЕНДИЈА     ВАРДАР

2         корнери          5

10/6     удари/во        9/3

14         прекршоци     14

1          офсајди          3

1          ж. картони      1

0          ц. картони      0

0          пенали            0

ВИДЕО>>

ФОТОГАЛЕРИЈА>>

среда, 26 април 2017