Протоколи за медиумите за домашните натпревари на ФК Вардар во сезоната 2020/2021

Почитувани медиумски работници

Поради ситуацијата со вирусот Ковид-19, Фудбалскиот клуб Вардар ги известува сите медиуми дека во новата сезона 2020/2021, ќе важат посебни правила за следење на натпреварите кои како домаќин ќе ги игра нашиот клуб. 

Новинарите ќе бидат во зона 2, фоторепортерите во зона 1, и никако не смеат да се движат во другите зони.

Влезот за новинарите и фоторепортерите, ќе биде помеѓу источната и северната трибина на Националната Арена „Тодор Проески“, при што на влезот секој ќе мора да влезе со заштитна маска на лицете, по што ќе му биде измерена температура. Потоа треба да потпише изјава дека немал контакт со заразен со Ковид-19, дека нема симтпоми и дека ќе ги почитува сите протоколи. Исто така ќе биде извршена и дезинфекција. За време на натпреварот, задолжително носење заштитни маски и социјална дистанца од најмалку два метри. При влезот ќе треба да покаже и документ за лична идентификација. Потпишаните изјави се даваат на делегатот на натпреварот.

Бројот на новинари, согласно протоколот на ФФМ, изнесува шест. ФК Вардар го зема правото да одбие новинари доколку има број поголем од шест пријавени. Предност ќе имаат оние кои констатно ги следат натпреварите на нашиот тим во изминатите сезони. Ги молиме за разбирање на оние кои ќе бидат одбиени. Воедно апелираме на колегијалност од сите новинари поради новонастаната ситауција, оние кои ќе бидат на стадионот, да им даваат информации на оние кои нема да бидат во можност да присуствуваат на мечевите.

Бројот на фоторепортери е ограничен на 2 (двајца) на секој домашен натпревар. Исто така ФК Вардар го зема правото да бира кои фоторепортери ќе присуствуваат на натпреварите, доколку бројот на барања биде поголем од двајца. Со тоа што ќе има ротации, односно оние двајца кои биле на првиот меч, нема да бидат на вториот, и обратно, со цел да се овозможи секој да има присуство на натпреварите поради новонастанатата ситуација. И кај фоторепортерите апелираме на колегијалност, односно оние кои ќе бидат на стадионот да им даваат фотографии на оние кои имаат потреба од тоа.  Фоторепортерите сами да понесат маркер, и меѓу нив за време на мечот да има социјална дистанца. Забранет е контакт со било кои играчи, стручен штаб или од лицата задолжени организаторите на натпреварот. 

За секој домашен натпревар медиумите ќе се акредитираат, со оглед дека мора да се достави список до службите на ФФМ. Од секој медиум може да се акредитира само по еден новинар/фоторепортер. Барањата за акредитации да се испратат на следните мејл адреси: press@fkvardar.mk или на contact@fkvardar.mk 

Барањата за акредитации се испраќаат најмалку 24 часа пред секој натпревар. На истата мејл адреса ќе добијат повратен одговор дали ќе бидат прифатени или одбиени, тогаш кога ќе пристигнат сите барања. 

Земање изјави по натпревар е забрането. Тоа можат да го сторат новинарите телефонски со тренерите/играчите 30 минути после завршувањето на мечот. 

Дозвола за снимање на натпреварот има само имателот на тв правата.

среда, 5 август 2020