Продолжува триумфалната серија во првенството, Вардар подобар од Ренова

По испаѓањето од Купот и немилите сцени на натпреварот во Тетово, Вардарци веднаш се вратија на победничките патеки, односно ја продолжија серијата на непоразеност во првенството. Денеска „црвено-црните“ беа подобри од тимот на Ренова совладувајќи го со 2:0. 

Иницијативата на Вардар беше „крунисана“ во 20. минута кога Аврамовски успеа да се ослободи од неколку противнички играчи, и да погоди во голот на Ренова за водство на „црвено-црните“. Доминацијата на теренот продолжи, па следуваа неколку шанси за зголемување на водството преку Аврамовски, Жуниор и Мицевски, но немаше промена на резултатот. 

Во вториот дел Вардарци решени да дојдат до втор гол. Не се бранеа, напаѓаа, имаа неколку прилики, а реализацијата стигна во финишот кога Попзлатанов во 90. минута ја смести во голот топката одбиена од голманот Велии за конечни 2:0 и нова победа во првенството. 

Со оглед на нерешениот резултат на Академија Пандев ден претходно, Вардар сега има пет бодови предност пред второпласираниот тим. 

недела, 3 ноември 2019