Вардар одржа прес-конференција во Ереван

Вардар денеска на стадионот „Вазген Саргсјан“ во Ереван, одржа прес-конференција. Пред медиумите во Ерменија се појавија шефот на стручниот штаб Бобан Бабунски, и нашиот фудбалер Тигран Барсегјан, добро познат на ерменската јавност со настапите во националниот тим на Ерменија.

БОБАН БАБУНСКИ

„Имаме добри информации за екипата на Пјуник. Имаат неколку нови играчи и знаеме дека на секоја позиција поседуваат квалитетни играчи. Исто така имаат и искусни фудбалери кои играле многу вакви натпревари. Играат цврсто во одбраната и не очекува тешка задача тука во Ереван. Влегуваме со максимален респект кон нашиот противник и кон многу од нивни играчи. Но, ние сакаме да ја форсираме нашата офанзивна игра. Имавме одлични подготовки изминатиот период. Имаме неколку нови играчи кои одлично се вклопија. Се надевам дека играчите ќе ја покажат својата желба за победа. Минатата сезона беше прв пат наша екипа да игра во групната фаза од едно европско натпреварување, и нормално дека посакуваме да го повториме тој успех. Никогаш не се знае. Секогаш постојат изненадувања, и постојат екипи кои што во секој момент можат да покажат квалитет и да направат успех во Европа“.

ТИГРАН БАРСЕГЈАН

„Нема да ми биде необично што ќе играм тука во Ереван. Јас сум професионалец, и сигурно ќе сакам да победи мојата екипа. Имам пријатели во Пјуник, со некои фудбалери се познавам, меѓутоа на теренот кога ќе почне мечот нема пријателство. И тие како и јас ќе дадат се од себе да победат. Се надевам дека утре Вардар ќе биде подобар, и дека ќе извлечеме добар резултат пред реваншот на домашен терен“.  

среда, 11 јули 2018