Прес-конференција на Бабунски по натпреварот со Пјуник

После мечот, шефот на стручниот штаб на Вардар, Бобан Бабунски на прес-конференцијата во Ереван ги искажа своите импресии од одиграниот натпревар против Пјуник денеска, во кој неговите избраници се поразени минимално со 1:0 со гол во првиот дел. Предводникот на „црвено-црните“ одговораше на прашања поставени од ерменските новинари. 

Вашето видување за мечот и за неговиот тек...

„Знаевме дека ќе биде тешко, знаевме дека нè чека тешка задача, и така се покажа. Ова е само прв дел од овој двомеч. Се надевам дека во Скопје ќе се покажаме во подобро издание. Шансите и натаму се присутни, нема да се предадеме, ќе се обидеме добро да се подготвиме за реваншот и нормално посакувам резултат кој ќе нè однесе во следната рунда. На крајот честитки до Пјуник за победата“.

Каква е ситуацијата со Тигран Барсегјан и неговата повреда, и како ја коментирате ситуацијата кога падна во шеснаесетникот барајќи пенал во вториот дел? 

„Барсегјан во текот на мечот истрча многу, и мислам дека според она што првично го знаеме повредата не е сериозна и ќе биде подготвен за вториот меч. Што се однесува до пеналот, немав добар поглед од клупата. Судијата донесе одлука и да му даде жолт картон, и ние мораме да ја почитуваме. Меѓутоа ќе погледнеме на снимката што се случи во таа ситауција. Засега не можам ништо со сигурност да кажам“.

Очекувавте ли вакво топло време и вакви услови во Ереван?

„Бевме добро запознаени со временските услови во Ереван, знаевме дека ќе биде многу топло, и се подготвувавме за тоа. Времето беше истото и за нашиот противник кој подобро се снајде на вакви услови“.

четврток, 12 јули 2018