Попзлатанов: Чест и задоволство е да се биде дел од Вардар

Едно од трите засилувања кои што Вардар ги доби оваа зима е Јован Попзлатанов. Младинскиот репрезентативец на Македонија стави потпис на договорот на три години со нашиот клуб. Тој игра на десната страна како крило и како бек, а денеска во 11 часот ќе го одработи првиот тренинг со нашиот клуб.

Ти годеше ли интересот од најтрофејниот македонски клуб?

„На секој му годи кога ќе добие понуда да настапува во Вардар. Тоа е најдоброто нешто за еден фудбалер, и секој играч би сакал да настапува во најдобриот клуб. Не го кријам моето задоволство што сум ангажиран од страна на Вардар и чест и задоволство ми е што ќе бидам дел од овој клуб“

Подготвен ли сте да одговорите на предизвикот кој што Ве чека во Вардар?

„Знам каде доаѓам, свесен сум дека притисокот е сосема поинаков и дека амбициите се далеку поголеми. Подготвен сум да одговорам на овој предизвик и верувам дека брзо ќе се прилагодам и адаптирам на новата средина“

Оваа сезона тимот се бори за титулата, мислите ли дека Вардар може да дојде до одбрана на шампионскиот трофеј?

„Посакувам да имаме добра втора полусезона, посакувам да ја одбраниме титулата, и Куп пехар. Мислам дека Вардар ги има најдобрите играчи, најквалитетниот тим, и сметам дека имаме квалитет и можност да дојдеме до тој успех“

вторник, 9 јануари 2018