Попов со гол на својот 50. настап на официјалните натпревари

Вчерашниот натпревар против Македонија Ѓорче Петров беше 50. настап на официјални натпревари за нашиот дефанзивец Горан Попов во дресот на Вардар. И подобра прослава на јубилејот и не можеше да посака, со погодок во противничката мрежа. Иако игра во дефанзивата, во 15. минута после еден центаршут од корнер, се најде во шанса и ја искористи, носејќи водство на нашиот тим во дуелот со Македонија ЃП. 

„Среќен сум најпрво што се вратив во првиот тим на Вардар после повредата која ја добив на натпреварот со Шкендија. Уште посреќен сум што постигнав гол и тоа на мојот 50. настап на официјални натпревари. Имавме добар настап и нашата победа против Македонија Ѓорче Петров е целосно заслужена. Можеби не е моја работа да давам голови затоа што играм во дефанзива и моја прва цел е да го одбранам нашиот гол, меѓутоа секогаш сум во противничкиот шеснаесетник кога има прекини и секогаш кога ќе ми се пружи шанса, ќе се обидам да постигнам гол. Среќата сакаше да постигнам погодок на овој јубилеј, 50. настап во дресот на Вардар“, изјави Попов. 

Со овој јубилеј на Горан Попов, уште еден фудбалер на Вардар влезе во групата на фудбалери кои што имаат 50 и повеќе официјални натпревари во дресот на Вардар, а таму од сегашните играчи се наоѓаат рекордерот по бројот на настапи Никола Глигоров, потоа, Томе Пачовски, Бобан Грнчаров, Хофханес Хамбарџумјан, Благоја Љамчевски, Влатко Грозданоски, Бобан Николов, Хуан Фелипе и Дејан Блажевски.

Глигоров убедливо е прв со досега одиграни 178 натпревари во дресот на Вардар, втор е Грозданоски со 141 настап, додека третото место е за капитенот Грнчаров кој што до сега 111 пати го носеше „црвено-црниот“ дрес на официјални натпревари. 

недела, 19 март 2017