Попов и Барсегјан: Со максимален пристап до успех во Тетово

Вардар утре во рамките од 1. коло во новиот шампионат 2018/2019, гостува кај Шкендија во Тетово. Ждрепката и оваа сезона сакаше најтрофејниот македонски клуб да го стартува со истиот противник од истото место, откако и лани беше истата ситуација.

Своите очекувања од дербито ги искажаа капитенот Горан Попов, и играчот од нападот на „црвено-црните“ Тигран Барсегјан.

„Гостуваме на екипа која што ќе го има нашиот респект затоа што во квалификациите во Лигата на шампионите покажаа дека дека имаат квалитет. Меѓутоа со Вардар, Шкендија секогаш имала проблем во минатото особено на домашен терен. Ако први постигнеме гол во Тетово, ќе биде тешко да не победат. Вардар оваа година има млада екипа, неколку засилувања кои што им треба време да се адаптираат во новата средина, и затоа се уште не сме запознаени меѓу себе. Затоа и се случи тоа што се случи во Европа. Меѓутоа сега се фокусираме кон настапите во шампионатот, и нормално нашата цел е да одиме на првото место. Шкендија е добра екипа, имаат повеќе натпревари од нас после подготовките. Но, одиме подготвени во Тетово да се надигруваме. Јас ќе бидам реален и ќе кажам дека на хартија Шкендија во моментов има поквалитетна екипа од Вардар, меѓутоа добро е познато дека на вакви натпревари одлучуваат инспирација, желба, мотив... Ако јас и моите соиграчи влеземе максимално во мечот, и секој да ги исполни задачите на тренерот Васоски, тогаш можеме да дојдеме до позитивен резултат“, рече Попов.

Тигран Барсегјан истакнува дека и покрај промените во екипата на Вардар, може да се стигне до поволен резултат.

„Одиме на победа како и на секој натпревар. Имаме поинаква екипа од лани, меѓутоа верувам дека и овие играчи можат да дадат максимум со Шкендија и да ги освоиме бодовите. Само со ангажирана игра можеме да се надеваме на добар резултат. Сепак, ја респектираме екипата на Шкендија која што се покажа добро во Европа. Меѓутоа имаме и ние квалитет, и во минатите сезони покажавме дека можеме да се надигруваме со Шкендија, особено на нејзин терен. Се надевам дека утре ќе дојдеме до посакуваната цел. Се надевам и посакувам успешно да го стартуваме новиот шампионат“, изјави Барсегјан.

петок, 10 август 2018