Победа во Тетово недоволна за пласман во финалето на Купот

Вардар успеа уште еднаш да ја победи Шкендија на гостувањето во Тетово, меѓутоа денешниот триумф од 0:1 беше недоволен да се анулира предноста на противникот стекната во првиот меч во Скопје. Така, нашиот тим го заврши натпреварувањето во Купот во полуфиналето. А, нашата екипа имаше многу шанси да дојде до потребниот триумф кој што ќе не однесеше во големото финале.

Уште во 3. минута голема прилика за Вардар. Блажевски излезе сам пред голот после проигрувањето од Барсегјан, но неговиот удар оди само над голот. Пет минути подоцна во шанса се најде Шкендија преку Тодоровски кој што биеше само крај голот. Во 28. минута Џигаури упати удар кој што го одбрани Јовановски, а потоа во 32 минута се случи прекин на мечот. Фелипе доби жолт картон после еден старт над противнички играч, се направи мешаница после која Ставрев им покажа црвени картони на капитените Грнчаров и Хасани.

Влегуваше и публика на теренот, па судиите и Вардаровите играчи влегоа во соблекувалните. Имаше прекин од 20 минути, по кој натпреварот продолжи. Во финишот од првиот дел Гачевски му го одбрани обидот на Ибраими од прекин.

Во вториот дел уште пожестока офанзива од страна на Вардар. Тренерот Седлоски направи две замени со цел да ја забрза играта. Во таква отворена игра од страна на нашиот тим, Шкендија се закани со две полушанси, а потоа се случи и водството на Вардар. Фелипе изведе слободен удар од 30 метри, нафрли до Дарко Велковски кој со глава погоди во долниот десен агол.

Само четири минути подоцна, огромна шанса за Вардар. Којашевиќ излегува сам пред голот на Шкендија, шутира, Јовановски брани, но топката оди кон голот, а од самата гол линија спаси Тодоровски и не му дозволи на Боарето кој се најде во непосредна близина да ја смести во голот. Во 71 минута повторно среќата не беше на страната на нашиот тим откако не беше искористена „тројна шанса“. Изведе корнер Којашевиќ на првиот дирек Барсегјан со глава упати удар кој го одбрани Јовановски, топката се одби на петерецот па до Демири кој шутираше, Тотре од гол линијата спаси гол, а потоа и Боарето со глава беше прецизен, но Јовановски одбрани во уште еден корнер. Во 80. минута и Боарето се обиде, одбрани голманот на Шкендија. Во финишот од средбата уште 2-3 добри шанси за гол на нашата екипа. Прво се обиде Барсегјан со глава, меѓутоа непрецизно, а потоа истиот играч упати удар кој што отиде за малку над голот.

Веќе немаше шанси за Вардар да дојде до уште некој гол со кој би го направил уште понеизвесен финишот од средбата. Нашиот тим дојде до победа, но не и до анулирање на предноста, па се збогува од Купот на Македонија со триумф во Тетово.

КУП НА РМ

ШКЕНДИЈА - ВАРДАР   0:1 (0:0)

Градски стадион во Тетово. Гледачи: 3.000.

Главен судија: Александар Ставрев (Скопје).

Стрелец: 0:1 Велковски 60’

Ж. Картони: Цуцули, Ибраими, Чолак, Вујчиќ, Јовановски, Жуниор, Меџедовиќ (Ш) - Глигоров, Фелипе, Попов (В).

Ц. Картони: Хасани 33’ (Ш) - Грнчаров 33’ (В).

ШКЕНДИЈА: Јовановски, Цуцули, Ибраими (69’ Алими), Тотре (84’ Меџедовиќ), Хасани, Челиковиќ, Радески, Жуниор, Чолак, (81’ Положани), Тодороски, Вујчиќ.

ВАРДАР: Гачевски, Грнчаров, Блажевски (46’ Којашевиќ), Џигаури (46’ Боарето), Барсегјан, Велковски, Глигоров  (78’ Попов), Новак, Демири, Фелипе, Брдаровски.

 

СТАТИСТИКА

ШКЕНДИЈА        ВАРДАР

4              корнери              6

7/3         удари/во            15/8

18           прекршоци       13

1              офсајди               8

7             ж. картони         3

1              ц. картони          1

0              пенали                0

 

ФОТОГАЛЕРИЈА>>

среда, 19 април 2017