Победа, радост и пласман во третото коло од ЛШ!

Радост, историја, еуфорија! Вардар вечерва во Струмица после долго време, успеа да се пласира во следната рунда од Лигата на шампионите. Го победија Вардарци Малме со 3:1 со импресивна игра во вториот дел, откако во првите 45. минути водство имаше противник со гол од пенал. Меѓутоа момците на Гоце Седлоски одиграа одлично второ полувреме кое го зачинија со три гола и со голем резултатски пресврт кој што на крајот ја носи екипата во следната фаза, и уште минимум четири европски натпревари.

Вечерашниот меч во Струмица изобилуваше со многу борба, многу трчање, тактика, и сето она што му прилега на еден натпревар од Лигата на шампионите. 

Првата закана на мечот ја имаа Вардарци кои што после центаршутот на Спировски од корнер, малку доцнеа и Балотели и Барсегјан  со глава да се заканат по голот на Виланд.

Во 14. минута после една акција, во добра позиција се најде Бергет кој што го мина Гачевски, падна, а судијата Жабченко го окарактеризира како удар од белата точка, на изненадување на сите на стадионот. Пеналот во гол во 16. минута го претвори Розенберг кој што шутираше неодбранливо на десната голманска страна, каде што и тргна Гачевски, но не успеа да одбрани.

Веднаш после овој гол една индивидуална акција на Балотели кој што мина еден противнички играч, мина и уште еден, но беше фаулиран. Иако одеше сам пред голот на Малме, сепак, судијата на противничкиот фудбалер му покажа само жолт картон. 

Еикрем од Малме се закани со шут од слободен удар од дваесетина метри, но Гачевски беше на место и го одбрани овој обид во 37. минута. Уште една шанса на Малме преку Јотун кој што во 42. минута се најде осамен пред голот, меѓутоа шутираше непрецизно во гол аут.

Последното возбудување се случи во финишот од првиот дел кога после една нафрлена топка Вардаровите играчи бараа пенал, но судијата сметаше дека не постојат елементи за такво нешто, по што досуди крај на првите 45. минути.

Бергет имаше шанса на почетокот на вториот дел, но ја упати топката само крај голот. Во 51. минута опасен обид на Спировски од 35. метри одкосо, топката имаше незгоден пад, но таа заврши за малку крај голот на Малме. Најблиску до израмнување Вардар беше две минути подоцна кога Хамбарѕумјан со глава ја погоди само пречката од голот на Малме.

Сепак, во 56. минута конечно гол за Вардар. Фелипе нафрли од корнер, а Грнчаров со глава од 5-6 метри го совлада Виланд. Пет минути подоцна и водство на нашиот тим. Беше досуден пенал после стартот на Левицки над Фелипе. Бразилецот сам сакаше да го изведе ударот од белата точка. Беше преицизен, но голманот на Малме му го одбрани ударот, за на нафрлената топка да натрча Барсегјан и да ја спроведе во мрежата за резултат кој што во тие мигови го носеше „црвено-црниот“ тим во 3. квалификациско коло од Лигата на шампионите.

Но, тоа не беше се од Вардар. Откако успеа да се одбрани од јаловата иницијатива на Малме, во 91. минута нашиот тим со уште еден гол само го потврди учеството во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите. Блажевски од левата страна го проигра Николов кој што од 11-12 метри погоди во долниот лев агол за водство од 3:1, со што беше јасно дека Вардар ќе се пласира во 3. квалификациско коло од европската „елита“. До крајот немаше измена во резултатот, а потоа дојде и последниот свиреж од судијата, и големото славје на Вардар за пласманот во следното коло од ЛШ.

Браво за момците! Сите до еден дадоа се од себе и успеаја во намерата да му го нанесат најголемиот успех на тимот во последните десетина години. Меѓутоа нашите желби се многу поголеми, одиме понатаму со надеж дека ќе успееме овој успех да го направиме уште поголем.

Сега го чекаме подобриот од средбата Копенхаген - Жилина. Данскиот тим има предност од 3:1 во првиот меч, и после домашниот натпревар ќе се знае кој ќе биде противникот во третата рунда од Лигата на шампоните. 

ВАРДАР - МАЛМЕ      3:1 (0:1)

Стадион: „Младост“ во Струмица. Гледачи: 4.000.

Судија: Анатолиј Жабченко (Украина).

Стрелци: 0:1 Розенберг (п) 16’, 1:1 Грнчаров 56’, 2:1 Барсегјан 61’, 3:1 Николов 90’+1

Ж. Картони: Гачевски, Новак, Фелипе (В) - Брорсон, Конате, Бергет (М).

ВАРДАР: Гачевски, Хамбарџумјан, Грнчаров, Новак, Демири, Спировски, Глигоров (46’ Блажевски), Фелипе, Николов, Барсегјан (73’ Брдаровски), Балотели (85’ Муслиу).

МАЛМЕ: Виланд, Тинерхолм, Нилсен, Брорсон (46’ Бенгтсон), Конате (63’ Ракип), Еикрем, Кристијансен, Левицки (83’ Сванберг), Јотун, Розенберг, Бергет.

 

МИНУТА ПО МИНУТА>>

ФОТОГАЛЕРИЈА>>

ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА>>

вторник, 18 јули 2017