Од негатива од три гола, Вардар дојде до „реми“ со Марибор

Одличен резултат на Вардар на средбата со Марибор. Одличен поради тоа што „црвено-црните“ имаа негатива од 3:0 после 17 минути од средбата. Меѓутоа карактерот на момците на Бабунски донесе да дојдат до „реми“ против словенечкиот тим. Најпрво во првиот дел Барсегјан со прекрасен гол намали, потоа истиот играч од пенал донесе неизвеност, за убавиот погодок на Адем придонесе Вардарци да стигнат до израмнување и до нерешен резултат на овој меч. Ова беше прво „реми“ на подготовките по двете стартни победи на пријателските мечеви во Словенија.

Динамично почна натпреварот, со акции и на двете страни. Во 5. минута Хотиќ од добра позиција шутираше прецизно, но одлично одбрани Гачевски. Во 6. минута ударот на Попов оди само над голот од слободен удар. Во 8. минута нова одбрана на Гачевски, овој пат после обидот на Крамариќ, не дозволува да се тресе неговата мрежа.

Следуваа минути на Марибор кој што за кратко време постигна три гола во мрежата на Вардар. Во 9. минута Млакар излезе сам пред голот, и со дриблинг најпрво се ослободи од својот чувар, а потоа погоди во голот на Гачевски. Во 14. минута на 2:0 зголеми истиот играч откако ја зафати топката со волеј по нафрлувањето од десната страна. Се играше 17. минута кога после една добра акција, Крамариќ излезе сам и пласираше во долниот лев агол а водство во тие мигови од 3:0.

Падот во играта на Вардар и натаму траеше, па Заховиќ во 18. минута пропушти шанса да зголеми и на 4:0. Шутираше само за малку над голот на Гачевски.

Вардар намали со прекрасниот погодок на Барсегјан. Сето тоа се случи во 38. минута кога Ерменецот од 22-23 метри со силен удар погоди во горниот лев агол од голот на Хандановиќ, и успеа да го намали водството на противничката екипа во тие мигови.

Изменетиот состав во вториот дел тргна офанзивно кон голот на противникот, и реализацијата дојде веднаш, по само три минути. Во 48 минута после еден продор на Барсегјан, беше фаулиран во шеснаесетникот и беше досуден пенал за Вардар. Токму Барсегјан беше сигурен реализатор, и шутираше силно по средината од голот.

Следуваше мирен период на мечот, без шанси, а потоа се закани Ахмеди од Марибор кога во 67. минута шутираше над голот.

Карактерот на Вардар и желбата да се дојде до добар резултат донесоа израмнување на резултатот. Се играше 63. минута кога Барсегјан одлично го проигра Адем, а овој со дриблинг се ослободи од својот чувар, и со левата нога шутираше одлично, а топката од десната статива заврши во голот. Вардар успеа да се врати по негативата од три гола и да го донесе резултатот до симетрија.

Во 63. мнута после една грешка на одбраната, Тавареш беше во добра шанса, меѓутоа Алексовски беше на место и успеа да одбрани.

„Црвено-црните“ во 83. минута имаа и солидна прилика дури и за победа, откако Попзлатанов од добра позиција со левата нога шутираше само над голот на словенечкиот вице-првак, што беше последната шанса на овој интересен и возбудлив пријателски натпревар. 

ВАРДАР - МАРИБОР  3:3 (1:3)

Горња Радгона, стадион на ФК Радгона.

Стрелци: 0:1 Млакар 9’, 0:2 Млакар 14’, 0:3 Крамариќ 17’, 1:3 Барсегјан 38’, 2:3 Барсегјан 49’ (п), 3:3 Адем 63’

Ж. Картони: /

ВАРДАР: Гачевски (46’ Алексовски), Тодороски (46’ Брдаровски), Тошевски, Попов (46’ Серафимов), Реџепи, Битанг (46’ Најдовски), Мицевски (46’ Адем), Јуфо (46’ Марковиќ), Цветановски (46’ Попзлатанов), Барсегјан (70’ Бериша), Колевски (46’ Талески).

МАРИБОР: Хандановиќ, Шулер, Врховец, Хотиќ, Заховиќ, Дервишевиќ, Милец, Рајчевиќ, Вилер, Млакар, Крамариќ.

Уште играа: Обрадовиќ, Пихлер, Ахмеди, Тавареш, Вршиќ, Штор, Бајде, Колманиќ, Моравац, Мешановиќ, Ивковиќ.

ФОТОГАЛЕРИЈА>>

ВИДЕО: 

 

четврток, 21 јуни 2018