Очекувања од утрешната ждрепка за квалификациите во ЛШ

Утре во 12 часот, Вардар ќе го дознае противникот во 2. квалификациско коло од Лигата на шампионите. Можните противници на нашиот тим можете да ги прочитате ТУКА.

Еве ги очекувањата и желбите на дел од играчите на Вардар за утрешната ждрепка на УЕФА.

ДЕЈАН БЛАЖЕВСКИ

„Сите противници се тешки, сите се шампиони во своите првенства, и имаат квалитет. Ќе мораме да пристапиме максимално ангажирано ако сакаме да направиме нешто повеќе и да минеме понатаму. Мислам дека кој и да падне нема да се предадеме и со секого можеме да се надигруваме. Имаме квалитет и сега повеќе искуство од минатите две години. Не успевавме во минатите две сезони да минеме, иако мислам дека минатата година против Динамо Загреб имавме реални шанси. Се надевам дека оваа година ќе успееме да минеме барем едно коло. Што се однесува до противниците, имам неколку желби. Мислам дека доколку се паднат Малме, Карабах, Шериф, Хафнарфјордур, Марибор, тогаш имаме добри шанси да минеме.“

НИКОЛА ГЛИГОРОВ

„Како и претходните две години, имаме амбиции да минеме барем едно коло. Се надеваме дека оваа година ќе бидеме успешни и ќе ја исполниме целта. Претходните две сезони имавме шанси, но не успеавме. Мислам дека многу работи зависат од самата ждрепка утре, но исто така голем дел од работите зависат од нас. Пред нас е подготвителен период од две недели во кои ќе треба да ја истемпираме формата за Лигата на шампионите. Со нетрпение ја очекуваме утрешната ждрепка и да го дознаеме противникот. Лесни противници немаме. Има екипи кои се редовни учесници од групна фаза, па дури и во нок-аут фазата во европските натпреварувања. Во Лигата на шампионите нема лесни противници, но, кога би можел да бирам, би ги избегнал првите топ четири екипи по коефициент. А, тоа се Салцбург, Селтик, Копенхаген, Лудогорец, и не би сакал АПОЕЛ и Легија. Со другите можеме да се надигруваме“

 

ДАРКО ГЛИШИЌ

„Треба добро да се подготвиме за тој предизвик за Лигата на шампионите. Имаме неколку пријателски натпревари тука во Австрија, и на секој тренинг, на секој пријателски меч ќе треба да го сфатиме сериозно. Голем оптимист сум, верувам во својот тим и играчите и верувам дека оваа година среќата ќе биде на нашата страна, и ќе го поминеме првото коло. Потоа, здравје да стигнеме до групната фаза од Лигата на шампионите или барем во Лигата на Европа. Ги гледав противниците, сите се тешки. Би сакал тие најдобри четири да ги избегнеме, и барем во првата фаза да ни се падне некој така да кажам некој послаб противник, иако сите се добри екипи, шампиони на своите земји. Во секој случај кој и да се падне, ќе се бориме и ќе дадеме максимум да се надигруваме и да минеме барем едно коло“.

Лани наш противник беше Динамо Загреб од Хрватска, додека пред две години игравме против кипарски АПОЕЛ, тим кој што и сега е еден од можните противници на Вардар во Лигата на шампионите.

ФОТО: Денис Дуковски

недела, 18 јуни 2017