Нова победа на Вардар, „падна“ и Академија Пандев

Нова победа на Вардар во првенството. Седмиот триумф денеска беше забележан против составот на второпласираниот тим на Академија Пандев во дербито кое се одигра на „Борис Трајковски“. Меѓутоа Вардарци низ целосна доминација стигнаа до триумф од 3:0, а ако беа поефикасни, можеше победата да биде и повисока.

Се до 29. минута се играше главно на средината на теренот без некои посериозни закани, а потоа се случи еден продор на Вардарци по десната страна каде што Тошевски влезе во шеснаесетникот, беше соборен од Атанаскоски во казнетиот простор, и судијата Стојанов покажа на белата точка.

Мицевски во 30. минута го изведе ударот од 11 метри прецизно, во долниот десен агол од голот на противникот за водство на Вардарци.

И кога постигна гол, Вардар играше уште подобро, создаваше шанси, но промена на резултатот барем до полувремето немаше. Следуваше шансата на Лира во 34. минута кога со волеј шутираше само покрај голот.

На почетокот на вториот дел уште неколку шанси за Вардар. Во 48. минута обидот на Брдаровски го брани Чубраковиќ, а во 50. минута по продорот на Цветаноски следува шут кој оди само крај голот.

Двете најубави прилики Вардар ги имаше во 52. и 54. минута. Најпрво по нафрлена топка од Брдаровски, Лира со глава се обиде, меѓутоа со крајни напори Чубраковиќ успеа да одбрани. Две минути подоцна уште подобра шанса. Најпрво Новак шутираше, Чубраковиќ одби до Лира кој што беше сам пред голот, но одново голманот на Академија Пандев успеа да одбрани.

Првиот удар Академија Пандев го упати дури во 55. минута кога Стоилов од прекин шутираше млако, и Гачевски без проблеми ја прифати топката во своите раце.

Одлуката на стручниот штаб Владица Брдаровски од десната бековска позиција да биде прекомандуван во офанзивно крило се покажа како исправна во 73. минута. Брдаровски доби одлична топка, излезе сам и во трк ги претрча своите чувари, рутинирано пласираше во долниот десен агол за водство на Вардар од 2:0, солидна предност која што во голема мера гарантираше нови три бода во првенството.

Уште еднаш ќе се потврди одлуката како исправна и во 84. минута кога во иста ситуација брзоногиот Брдаровски им избега на гостинските дефанзивци, овој пат го мина и голманот Чубраковиќ и одкосо од десно погоди во голот на Академија Пандев, за потврда на уште еден триумф во шампионатот.

Одлична одбрана на Гачевски во 87. минута откако Пандев се обиде да го фати во расчекор, но нашиот голман прекрасно интервернираше и изби во корнер.

Тоа беше се што се случуваше на мечот, и она што е најважно, Вардар забележа нов триумф и ја продолжи серијата на победи на домашен терен каде има стонастотен учинок.

ВАРДАР - АК. ПАНДЕВ  3:0 (1:0)

Стадион: „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 300.

Судија: Стојанче Стојанов (Штип)

Стрелци: 1:0 Мицевски (п) 30’, 2:0 Брдаровски 73’, 3:0 Брдаровски 84’

Ж. Картони:  Мицевски (В) - Шиков, Атанаскоски, Илиев (АП).

ВАРДАР: Гачевски, Тошевски, Новак, Попов, Тодороски, Битанг, Мицевски, Најдовски, Брдаровски (88’ Талески), Цветаноски (85’ Бериша), Лира (87’ Ибиши).

АК. ПАНДЕВ: Чубраковиќ, Јованов (46’ Крстовски), Атанаскоски, Димов, Илиев, Иванов, Стоилов, Дориев, Томовски (71’ Пандев), Шиков, Стојков (78’ Маневски).

 

сабота, 6 октомври 2018