Нереализирани многу шанси и пенал, на крај без голови со Работнички

Многу шанси, на крајот од мечот и пенал, не беа доволни Вардар да дојде до победата над градскиот ривал Работнички. Противникот во своите редови имаше расположени двајца голмани кои беа најзаслужни за овој резултат и за бодот. Вардарци имаа повеќе шанси, но на крајот мораа да се задоволат само со бод, со тоа останаа непоразени во пролетниот дел. 

Вардарци во првиот дел имаа една добра шанса преку Попзлатанов кој излезе сам пред Шишковски, но противничкиот голман успеа да одбрани. Работнички се закани преку Шаркоски, меѓутоа и Гачевски беше на висината на задачата. 

Во второто полувреме многу повеќе шанси за Вардар, за разлика од Работнички кој што речиси цели 45. минути се бранеше. Попзлатанов имаше добра шанса после ударот на Мицевски од слободен удар, но не реализираше, практично го погоди Шишковски во глава со топка, и тука беше клучниот момент. Голманот Шишковски мораше да го напушти теренот, а на негово место влезе Јанков. 

Во 84. минута супер шанса за Цветаноски кој шутира само над голот од 5-6 метри по добиена топка од Попзлатанов. Во 95. минута пенал за Вардар. Игра со рака на Пецов, и судијата Бартон покажува на белата точка. Шутира Мицевски, но брани Јанков и така остана почетниот резултат. 

 

сабота, 29 февруари 2020