Наумчески: Во Вардар се работи на професионално ниво

Младинскиот тим на Вардар во оваа сезона има сосема различен „лик“ од минатата. Се случи смена на генерации во која што неколку играчи од кадетскиот и од пионерскиот тим на „црвено-црните“, станаа дел од младинската екипа. Дел од нив станаа членови и на сениорскиот тим на Вардар.

Еден од оние кои оваа сезона е дел од младинската екипа е и Стефан Наумчески. Од почетокот на оваа година од таборот на Металург, Наумчевски стана дел од Вардар каде што настапуваше во пионерската екипа која што успеа да го освои Купот на Македонија. Претходно настапуваше за Победа.

„Сон на секој млад фудбалер е да биде дел од Вардар. Клуб со богата историја, и клуб од каде што потекнале многу успешни фудбалери. Вардар работи со младите категории на едно многу високо ниво. Се внимава на секој детал, момент, клубот ги има сите услови за младите таленти да напредуваат. Тука се тренерите, координаторите со кои секојдневно работиме за да станеме врвни фудбалери“, вели Наумчески.

Играчот на „црвено-црните“ од оваа сезона е дел од младинскиот тим на Вардар.

„Оваа сезона почнав да играм за младинската екипа. Се надеваме дека оваа година ќе успееме да ја освоиме титулата во првенството, и во идната година да настапувам во младинската Лига на шампионите. Претходно играв за пионерите и за кадетите на Вардар. Со пионерската екипа лани го освоивме Купот на Македонија. Од Вардар секогаш се бараат победи, и секогаш се бараат успеси во младинските категории. Тоа го знае секој кој што е член на овој тим“.

Наумчески се надева дека во иднина ќе може да настапува и во сениорскиот тим на Вардар, каде што тренира во последните денови. 

„Да, тоа е сонот на секој млад играч и на секој фудбалер кој што настапува во овој клуб. Ме радува тоа што гледам дека секојдневно се следат тренинзите и натпреварите од стручниот штаб на сениорите на Вардар и што повремено фудбалери тренираат со првата екипа. Ја добив и шансата јас во овој момент. Тоа на мене ми дава дополнителен мотив да се наметнам кај тренерите и еден ден да настапувам за сениорската екипа на Вардар“, вели Наумчески.

вторник, 10 октомври 2017