Наш Вардар повторно е шампион!

Вардар трет пат по ред е најдобар во Македонската Прва лига.  „Црвено-црната“ гордост денеска со триумфот над Македонија ЃП во натпревар одигран на Националната Арена „Филип Втори“ во Скопје, и математички го обезбеди првото место на табелата, и 11-тата шампионска титула. Сосема заслужено нашиот тим заврши на највисокото место на победничкиот пиедестал, а шампионскиот пехар ќе им биде официјално доделен во последното коло од шампионатот. Со шест гола во мрежата на противникот и во голем стил Вардарци денеска ја потврдија титулата. 

Речиси уште на самиот почеток на мечот целосна офанзива на Вардар за брзо отворање на резултатот. Шанса за такво нешто имаше уште во првите секунди од натпреварот кога Којашевиќ ја погоди само десната статива од голот на Македонија ЃП.

Резултатот беше отворен во 5. минута. После убавиот продор на Дамир Којашевиќ по десната страна, влезе во шеснаесетникот и беше соборен од Чешмеџиев, па судијата Маркоски покажа на белата точка. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше Блажевски кој што биеше силно во мрежата на Целески.

Во 9. минута прва успешна интервенција на Алексовски после обидот на Стојкоски. Во 16. минута веќе беше 2:0 за Вардар. Изведен корнер од десно, а избиената топка од дефанзивците на Македонија стигна само до Глигоров кој што додаде до Николов, а овој погоди во горниот десен агол за Вардарово зголемување на водството.

И повторно после даден гол Алексовски бележи интервенција, овој пат шутираше Аломеровиќ, меѓутоа Вардаровиот голман беше на место и успеа со парада да одбрани.

Се играше 32. минута кога Вардар направи одлична акција на десната страна преку Барсегјан и Брдаровски, а Брдаровски додаде до Којашевиќ кој што од пеналтикот го совлада Целески за водство од 3:0 на „црвено-црните“ и доближување до победата и до шампионската титула. Пред крајот на првито дел обид и на Барсегјан со лоб да го совлада Целески кој што беше внимателен и го одбрани овој удар.

Вардар не застана само на тие три гола од првиот дел, а во вториот дел сакаше да го добие натпреварот со што повеќе постигнати голови. Токму од тука во 52. минута волеј ударот на Блажевски зарши во мрежата после центаршутот на Барсегјан за убедливи 4:0. Во 64. минута сам пред голот се најде Блажевски кој што можеше самиот да го комплетира својот „хет-трик“, меѓутоа се реши да го проигра Барсегјан кој што од 2-3 метри само спроведе во празната мрежа. Седум минути подоцна уште еднаш гостите од Ѓорче Петров ја вадеа топката од мрежата. Демири испрати долга и прецизна топка до Боарето кој што ја смири, и успеа да го совлада Целески за уште поубедливо водство од 6:0, што беше и конечен резултат на средбата. 

По мечот големо славје во соблекувалната на Вардар каде што сите играчи, стручниот штаб и раководството го славеа овој голем успех. 

ВАРДАР - МАКЕДОНИЈА Ѓ.П.    6:0 (3:0)

Национална Арена „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 300.

Судија: Марјан Маркоски.

Стрелци: 1:0 Блажевски (п) 5’, 2:0 Николов 16’, 3:0 Којашевиќ 32’, 4:0 Блажевски 52’, 5:0 Барсегјан 64’, 6:0 Боарето 71’

Ж. Картони: /

ВАРДАР: Алексовски, Брдаровски, Грнчаров, Новак, Демири, Глигоров, Николов, Којашевиќ (65’ Колевски), Барсегјан (71’ Спировски), Блажевски, Петковски (46’ Боарето).

МАКЕДОНИЈА ЃП: Целески, Џангаровски, Стојковски, Чешмеџиев  (46’ Иловски), Аломеровиќ, Здравковски, Диасана, Стојкоски (74’ Диасана), Јашароски, Јакимоски (65’ Јонузи), Меирелес.

 

СТАТИСТИКА

ВАРДАР               МАКЕДОНИЈА ЃП

4              корнери              3

12/8       удари/во            8/4

18           прекршоци       9

4              офсајди               2

0              ж. картони         0

0              ц. картони          0

1/1         пенали                0/0

 

ФОТО: Петр Стојановски

ВИДЕО ОД ПОБЕДАТА НА ВАРДАР ПРОТИВ МАКЕДОНИЈА ЃП: 

 

недела, 7 мај 2017