„Младиот“ состав на Вардар поразен од Борац Бања Лука

Вардар денеска ја одигра претпоследната контрола на подготовките во Анталија. Тренерот Александар Васоски се одлучи да им даде шанса на сите млади играчи, и тимот беше поразен од Борац Бања Лука со 2:0.

За Вардар не играше никој од оние поискусните играчи, а некои фудбалери имаа и по 17 години, а неискуството си го стори своето.

Сепак, и младите Вардарци се покажаа во светло издание, сакајќи да се докажат. Петејчук во 5. минута ја погоди стативата. Во 18. минута прва прилика за Борац, но Илиќ успеа да одбрани.

Во 25. минута Омерагиќ се повреди и мораше да го напушти теренот, а во 33. минута Борац дојде до водство. Центаршут од корнер, а Галиќ со глава погоди ов 5-6 метри.

Се играше 56. минута кога беше досуден пенал за Борац, откако Наумчевски играше со рака, и заработи црвен картон. Стрелец беше Радуловиќ кој погоди од белата точка.

Последната шанса на мечот за Борац во 87. минута кога Ќосиќ излезе сам пред голот, но Андов одбрани.

Утре Вардарци играат против Мура, и завршуваат со контролните натпревари. Експедицијата во вторник се враќа во Скопје.

 

ВАРДАР – БОРАЦ БАЊА ЛУКА  0:2 (0:1)

Терен: Титаник Спорт Лара.

Стрелци: 0:1 Галиќ 35’, 0:2 Радуловиќ (п) 57’

ВАРДАР: Илиќ, Наумчевски, Ѓурковски, Манасиевски, Петејчук, Велковски, Трајановски, Реџепи, Игнатов, Омерагиќ, Колевски.

Уште играа: Андов, Цветаноски, Величковиќ, Крстевски.

 

недела, 2 февруари 2020