Место три, само еден бод за Вардар од дуелот со Академија Пандев

Вардар имаше водство во денешниот дуел над Академија Пандев, и ќе беше заслужено доколку победата беше изразена со поголема разлика. Меѓутоа во завршницата немаше среќа, односно среќата беше на страната на голманот на Академија Пандев Чубраковиќ, кој одбрани, а еднаш гостите се спасуваа од самата гол линија. На крајот Вардарци на некој начин беа и „казнети“ за нивните промашувања, со што мечот заврши 1:1.

Нашиот тим имаше неколку сериозни обиди во првиот дел, од кој едниот заврши во мрежата на противникот. Тоа беше во 28. минута кога Аврамовски од дваесетина метри шутираше прецизно во долниот лев агол од голот на Чубраковиќ, и ја погоди целта.

После голот брзо „црвено-црните“ можеа да дојдат до втор гол. Шутот на Дарко Мицевски беше одбранет од Чубраковиќ, а потоа во шанса се најде Лира по една топка на Фелипе, меѓутоа противничкиот голман беше за малку побрз и стигна до таа топка.

Во вториот дел Вардар мирно чекаше втора шанса да го реши прашањето околу победникот. Една таква во 62. минута Фелипе не ја реализираше, односно Чубраковиќ успеа да одбрани. Во 75. минута Попзлатанов по додавање на Фелипе се најде во супер шанса, но повторно голманот на Академија Пандев одбрани. Во 83. минута нова шанса за Попзлатанов, го мина и Чубраковиќ, шутираше, но гостинските фудбалери од самата гол линија успеаја да одбранат.

Во следниот напад после една долга топка, Дориев се најде сам пред Гачевски, и успеа да го совлада, и со тоа да однесе бод за својот тим од овој дуел.

Лира на крајот имаше шанса за победа, меѓутоа во последен миг беше изблокиран.

ВАРДАР - АК. ПАНДЕВ  1:1 (1:0)

Стадион: „Борис Трајковски“ во Скопје.

Гледачи: 300.

Судија: Александар Ставрев (Скопје).

Стрелци: 1:0 Аврамовски 28’, 1:1 Дориев 84’

Ж. Картони: Фелипе (В) - Костов, Миловановиќ, Велинов (АП)

ВАРДАР: Гачевски, Тошевски, Манев, Жуниор, Лира, Мицевски, Колевски (69’ Ибиши), Аврамовски (60’ Попзлатанов), Новак, Адем (71’ Најдовски), Фелипе.

АК. ПАНДЕВ: Чубраковиќ, Атанаскоски, Димов, Илиев, Костов, Стоилов, Миловановиќ, Дориев, Крстевски (65’ Стојков), Темелков, Стојкоски (46’ Велинов)

недела, 7 април 2019